Прегратката стана костец

14.04.2010 | Владимир Милчин (режисер) | Видено: 253

Македонија безглаво и безрезервно се фрли во прегратката на груевистите, нашите десни јакобинци. На оние кои ќе ми забележат дека само левите можат да бидат јакобинци, јас ќе им одговорам дека фанатизмот на дојденците и малограѓанската помпа и кич се заедничкиот именител на двете крајности кои завршуваат со гилотина на плоштадот. Македонија веќе стенка во таа прегратка која боли и задушува, како да се работи за претсмртен костец. Дали ќе смогне сили да се оттргне од него и да ја заземе дистанцата неопходна да се исправи и да застане на нозе? Не знам...
Ми се случува во пресудни мигови да ме „пронајде“ некоја книга и да ме стаписа со зборови во кои се огледува драмата на светот во кој живеам. Сношти тоа ми се случи со „Темната страна на револуцијата“ од Едмунд Берк, преведена на македонски од Маја Бојаџиевска и Ирена Стефоска. Оваа мала книга е одломка од славните „Размислувања за револуцијата во Франција“, кои Едмунд Берк ги објавил 1790 година. Тој се прашал што е слободата без мудрост и без доблест. Неговиот одговор гласи: „Таа е најголемото од сите можни зла“. Берк има многу аргументи за тоа, а јас овде ќе наведам дел од оние кои болно одекнаа во мене поради нивната вџашувачка актуелност.
„Законите беа укинати, судовите беа расформирани, индустријата беше без сила, трговијата умираше, приходите беа неплатени, а луѓето осиромашени; црквата беше ограбена, а државата не беше ослободена од товарот; граѓанската и воената анархија се претворија во поредок во Кралството; с¢ што беше човечко и божествено му беше жртвувано на идолот на јавните кредити, а последица од тоа беше банкротирањето на нацијата; и, конечно, како круна на с¢, се издаваа нови обврзници со сомнителна и несигурна вредност - дискредитирани хартии од вредност на една бедна измама и питачки грабеж беа дадени како конвертибилна валута за поддршка на империјата, наместо двата големи признати вида ковани пари (златните и сребрените), кои ја претставуваат трајната и вообичаена доверба на човештвото, парите што исчезнаа и се скрија под земја од каде што дојдоа, кога принципот на сопственоста, што нив ги создаде, беше систематично урнат.
Дали беа потребни сите овие ужасни нешта? Дали тие беа неизбежен резултат од безнадежната борба на решителни патриоти, присилени да газат низ крв и бунт до тивкиот брег на мирната и просперитетна слобода? Не! Ниту слично на тоа! Урнатините на Франција кои ги шокираат нашите чувства, каде и да го свртиме погледот, тие се тажни но поучни споменици на избрзаниот и неук совет, понуден во време на длабок мир. Тие го покажуваат лицето на една безобѕирна и дрска власт која никој не ја довел под прашање и не £ дал никаков отпор. Според тоа, луѓето кои вака расипнички го потрошија скапоценото богатство на нивните злосторства, оние кои здивено ја направија оваа огромна загуба (при што, последната клада беше резервирана за конечниот спас на државата) - во своето напредување не наидоа, речиси, на никаков отпор. Целиот нивен марш личеше повеќе на триумфална процесија отколку на војна. Нивната претходница врвеше пред нив, уривајќи и газејќи сè пред себе. Ниту една капка од нивната крв не беше пролеана за каузата на земјата што ја уништија. За своите проекти тие не жртвуваа ништо повеќе од врвца на чевелот, додека го затвораа кралот, додека ги убиваа нивните сограѓани, капејќи ги во солзи, фрлајќи ги во сиромаштија и во јадови, илјадниците достојни луѓе и достојни семејства. Нивната суровост не беше дури ни беден резултат на стравот. Таа беше последица на нивното чувство за совршена безбедност во одобрување на предавствата, грабежите, силувањата, убиствата, колежите, пожарите низ целата нивна страдалничка земја. (...) Кога луѓето со статус £ ги жртвуваат сите идеи за достоинството на една амбиција која, очигледно, е без основа, кога дејствуваат со приземни инструменти за остварување ниски цели, целата структура станува ниска и долна“.
Скандал по скандал, глоба до глоба, лага врз лага, измама на измама, кражба поголема од претходната, закон повлечен откако ни ги испразниле џебовите, тоа се чекорите со кои прегратката се претвори во костецот кој, засега, се чини фатален. А оркестарот Титаник го свири последното танго. Едни танцуваат опиени од примамливите ветувања, други заради ситните привилегии и комодитетот, трети од страв, четврти зашто ги јаде јанѕа тангото да не се претвори во марш... И сите се надеваат дека оркестарот ќе свири и откако Титаник ќе потоне. Зашто сите знаат дека нема доволно чунови за спасување.
Треска ме тресе кога ќе помислам дека сепак бил прав добронамерникот, антропологот Кит Браун, кога напишал: „На тој начин, во поновото минато македонската националност се пројавила низ недејствување како збир на индивидуални нереагирања“.