Се е исто, само е полошо

10.02.2010 | Владимир Милчин (режисер) | Видено: 172

Се е исто, само е полошо. Да, реченицата е оксиморон. Оксиморонот е мисла која на прв поглед во себе содржи некаква противречност, а сепак двата поима стојат еден покрај друг и се врзуваат во еден поим. Во нашиот случај, поимот е ПОЛОШО ИСТО. Полошото исто почна да ме прогонува веднаш по слетувањето на скопското аеродромче со големо име. Освен оној со кој слетав, други авиони немаше. Неславните тоалети на славниот аеродром - позапустени од порано. Цариникот беше единствената светла точка. Ме праша дали куферот ми е полн со пари со кои ќе ги плаќам подривачите. И се изнасмеа.
На плоштадот стигнав со задоцнување. Пријателите од „Плоштад Слобода“ веќе беа заминале. Го затеков само тенеќето зачукано на плоштадот како на селско полјанче. Не можев ни да помислам дека тоа тенеќе ми ти било влезот во компјутерската сапуница што режимот веќе ја промовирал со сите таламбаси. „Тенеќе, отвори се!“, си помислив вечерта кога на телевизиите ја слушнав ресорната министерка како изјавува дека таа претрупана турлитава од задоцнет ѓоа-барок, ѓоа-класицизам, ѓоа-романтизам и ѓоа-што ти уште не, ќе не ослободела од бремето на отоманското наследство.
Одвај го преспав тоа, кога утредента весникот што го уредува локалниот Шехерезад ме стемни со насловната страница на која пишуваше: „Го видовме Скопје како од сон. Македонија веќе е во Европа. Останува тоа само да се потпише“. Морав да го препрочитам еднаш и уште еднаш... Си ги замислив лидерите на Европската унија како занемено се ѕверат во видеобимот на кој светка „Скопје 2014“ и, уште пред да заврши сонот на Шехерезад, хорски извикуваат „Ашколсун!“, ги вадат пенкалата и, еден преку друг, потпишуваат дека Македонија е членка на ЕУ од 4 февруари 2010 година! А Папандреу клечи пред Груевски и го моли да му го даде на заем авторот на компјутерската симулација за да му направи Атина како од сон, без долгови и буџетски дупки...
Има ли дно пропагандистичката јама од која извираат ваквите нахални лаги? Нема, зашто се работи за бездна. Од таа бездна викендов излезе и еден од шарлатаните на нашата антиквизација и не шаштиса со „откритието“ дека барокот бил длабоко вкоренет во Македонија!? А има диплома, факултет завршил. И учел дека барокот е одговор на католичката контрареформација, која со монументалност и раскош (а понекогаш и со претрупаност!) војувала против реформацијата на протестантите Лутер и Калвин. Видел ли тој како изгледаат барокните палати и цркви? Ќе беше смешно да не е жалосно.
Истиот ден кога тој тропаше по тенеќето на своите фрустрации, телевизиите ни покажаа дека одронатите камења за малку ќе ја здробеле куќата на Робевци. Исто како што пред неколку месеци огнот ќе го голтнеше целиот манастир „Свети Јован Бигорски“. Робевци и Бигорски до вчера важеа за бисери на македонската градителска традиција. Но, од денот кога не стемни „Скопје 2014“, нивната вредност драматично падна. Ни Робевци ни Бигорски не се ни антички ни барокни, за рококо збор да не станува. Префинетоста, стаменоста и чувството за мерка на македонските градители од отоманските времиња не им се по вкусот на оние кои би да си ја позлатат сегашноста, така што ќе ни го избришат минатото. Не ме навредува нивната алчност безмерна, ме навредува тоа што нивното фарисејство се обидуваат да ни го подметнат како одбрана на идентитетот. Лажен, како што е лажна нивната помпезно промовирана симулација, која не е достојна ни за некогаш популарната компјутерска игра „Цезар Трети“.
Како можевме да спаднеме на ова полошо исто, чија вистинска цена ја кријат, но цената ќе ја плаќаат генерации македонски граѓани? Дел од одговорот на ова прашање лежи во онаа сценичка од „Зелената гуска“ на К. И. Галчински во која Јоне Шушумига, интелектуалче, сиот растреперен од стравопочит, го прашува Духот на нацијата: „Што има ново?“ И, откако Духот на нацијата отсечно му одговара: „Ништо!“, Јоне Шушумига издишува со олеснување: „Тогаш се е во ред“.
Вториот дел од одговорот на прашањето се крие во агитпроповските слаломи како оној што го објави весникот на Шехерезад во саботата. Во наднасловот пишува: „А1 телевизија и соросоидите објавија: Папандреу го откачи Груевски!“ Во поднасловот на тоа писание пишува: „Медиумите блиски до СДСМ и СОРОС на кратко сеиреа дека Груевски нема да успее, но тој сепак успеа“. А два реда подолу во текстот пишува: „Иако медиуми блиски до СОРОС...“. Мојот одговор на оваа вратоломија гласи: Баш го заболе СОРОС за тоа дали Груевски успеал да му закаже на Папандреу иако овој го откачил!
И ете, оксиморон за почеток, оксиморон за крај.