Свински работи
08.02.2010 | Гоце Ристовски (новинар) | Видено: 65
Слушај пријателе, вака да ти кажам, му се обраќа Митре, поранешен околиски шумар, а сега пензионер со проширени вени и очила со бифокални стакла, моментално на привремен престој во Катланово, на човекот до него. Јас сум бил и порано во Катланово, ама како да не сум бил. Се е изменето. Времето бргу бега напред. Двапати дур да и се качам на госпожата - годината поминала! Фала и на владата. Фала и на владата и за тоа што можеме малку коски да стоплиме. Јас, додуша, и порано сум бил на бања. Јас сум шетан и сум бил на Запад. Во Тузла имам војска служено. Ама порано беше друго, порано се беше поинаку... Фала и на владата, еве сега секој петок што не вози за џабе. А секој петок, мислам, како да ти речам, а да не те излажам... Фала и на владата за здравјето, што води сметка за болните и здравите, еве, на пример, за свинскиот грип, за вакцините што ни ги даваат за беспари. Овде што има топла вода... оти какви што има секакви, некој може да фати и за инает да ја излади. И после што? Ништо. Ем на бања, ем пак некапени. Па да излезе дека владата е виновна. Фала и на владата...
- Слушај јас тебе што ќе ти речам. Од каде ме најде мене да ми ја полниш главата со слама како еколошка перница, по наше згламница... Мене политика не ме интересира. Не сум од овде. Дојден сум на бања, ама не преку пензионерското, туку преку врски и ќе ми дадат на отплата, ем и нешто поевтино. А и поарни манџи ќе ми даваат од вашите, ќе правам и терапии. И немој да ми објаснуваш и да ми ја фалиш владата. Басиму ја та, стопанката. Мене, ако ме прашуваш ми е понижение да одам на бања на државна сметка. Јас бањите, длабоко во мојата интима, така, со свои зборови да се изразам, ги сфаќам како широко поле за изборен натпревар без разлика на верска и национална припадност и полови разлики. За мене бања ти е исто што и Европската унија. Влегуваш внатре гол, ама ти е топличко, така, ти доаѓа арно. Излегуваш чист и подмладен, најмалку за 10 години. Ама ако останеш подолго може да ти се слоши. И да те вратат назад по брза пошта. Ама имаш право на избор. А после можеш да се натпреваруваш во играње со карти географски и бришење, со гума, на државните граници. Чисто европски. Значи мене не ме интересира политика, разбираш или не. Е, ама баш ич. Кога одам на бања, а и во Европа, кога влегувам во базенот фаќам место со грбот до ѕидот и вардам да не ми падне сапунот, да не треба да се веднам. Јас сум практичен човек. Така да знаеш и да не се чудиш. И ти мене да не ми објаснуваш за грипот, оти ништо не знаеш. Ако ме гледаш вака - јас сум ногу јак човек. Имам некои луѓе, многу зафатени - возвраќа непознатиот, па го менува тонот, го спушта гласот и продолжува тивко, речиси со шепот. - Грипот не бил свински. Зашто веќе не ги бројат умрените и болните од свински грип на телевизија. Зошто не се фалат уште колку камиони вакцини ќе купиме, уште колку ќе ни препродадат нашите западни пријатели, оти ќе им пропаднат, оти нивните луѓе не сакаат да си клаваат вакцини. Знаеш или не знаеш. Е, па не знаеш. Јас ќе ти кажам. Грипот не бил свински, се виде тоа. Многу други работи се свински. Што ни ги сменија пасошите, што ќе ни го сменат и името, што ќе ни го сменат грбот, личниот опис и попис, идентитетот, јазикот, културата наша со длабоки корени. Гледаш ли ти какви антинародни закони се носат. Нема пушење на улица, нема плукање на улица, нема вршење нужда на јавни зелени површини и во џбунчиња по парковите, со извинение, нема ни онаквење на јавни места. Следува глоба, сето тоа е забрането. А тоа се наши народни обичаи со длабоки корени. И речи сега дали владата не работи против народот и народната традиција. Речи и фала на владата, да те чујам.
- Ќе речам, како да не речам. Душа имам, што е право, право е: Фала и на владата. Владата секој петок не вози пензионерите, другите денови ги вози останатите.
- Ама во петок владата треба и урда да јаде, да се солидаризира со народот, како што јадат млекопроизводителите, оти нема откуп и млекото им се сурдува. А, бе, не те разбирам, Ти што си запнал сето време фала и на владата, фала и на владата. Јас имам знаеш ли колку забелешки за владата. Три дни да ти кажувам не ќе докажам. Ами, ако дојде време за гласање, пак за неа ќе гласам. Оти е најдобра, градителска. Така да знаеш. Не ја фалам, а отворам уста како тебе, ама ќе ја гласам. Ќе ја гласам пак и готово.
- А, бе фала и на владата, како да ти кажам, да не ме разбереш погрешно. Јас за другите си гласам и ако дојде ред одново за другине ќе гласам. Ама фала и на владата. Фала и за бањата. Во доверба да ти речам, ама те молам, за муабетот никому ништо, мене пензијата не ми е баш мала. Штедам тро од парите за летово за во Грција. Море си е море, бања си е бања. Е, море море, е бањи, бањи... Ти не ја фали, твоја работа си е тоа. А, од кај си, не те прашав?
- Од кај сум - од Ресен.
- Е, ако си од Ресен да ти кажам една поезија. Ресен е многу убаво место, се римува со тесен. А сега да излегуваме од базенот за да не си одиме со брза пошта.
И излегуваат, гајле си немаат, помлади за десетина години, подисправени. Од водата и од политиката.