Транзицијата на Кољо Шкембарот
02.03.2010 | Нано Ружин (политичар) | Видено: 65
Кољо Шкембарот немал најсреќно детство за време на комунизмот. Татко му Атанас бил трговски застапник на хрватската кланица за кокошки и копани за З. Македонија и постојано бил на пат. Мајка му Славка работела како благајник во месната заедница и барем трипати неделно останувала на долгите вечерни состаноци на активот на жените, пријателите на шумите, борците, Социјалистичкиот сојуз или на Сојузот на комунистите. Најмногу време поминувал со дедо му Станко, поранешен работник во Скопската млекарница.
Несреќата на Кољо била најголема кога во драмската секција во ОУ „29 Ноември“ морал да го глуми Хитлер. Со драмската секција раководел учителот по политехника, Радослав Црногорецот. Мустаклијата Радослав живеел во комшилакот на Кољо и одамна му бил лут на малиот за скршениот прозорец за неговата Барака, во која се населил по земјотресот.
Прекарот Хитлер го следел низ целокупното средношколско образование. Тоа многу го фрустрирало малиот Кољо. Бидејќи бил лош ученик, татко му го запишал како вонреден ученик во местата каде што ги дистрибуирал копаните. Најнапред во Тетово, потоа во Гостивар, а дипломата за завршено средно училиште ја добил во Градско.
Кога се запишал на факултетот во Прилеп, добил нов прекар - Кољо Шкембарот. Тоа се должело како на неговите навивачки страсти, така и на неговиот омилен доручек, чкембе-чорба. Не го завршил факултетот, но затоа, благодарение на другар му Чоле од Шабац, набавил диплома за 5.000 марки. „Кољо, ако сакаш магистратура, цената е 10.000 евра, а за докторат е 15.000 евра“. И тоа оригинал и заведена во регистар.
Во СДСМ стапил сосема случајно во 1994 година кога од лидерот на Сојузот за Македонија добил топломер и приврзок за клуч. Во општинската конференција се запознал со Туше Тушев, кој бил високопласиран функционер. Почнале заеднички бизнис со сирење од Бугарија и фрион од Турција. Наместо да го увезуваат во Македонија, за време на транзитот низ Грција, го продавале на грчкиот партнер Димитри од Кавала.
Кољо почнал да се богати, но и да се дебели. Ебати директорот ако немаш меше. Во канцеларијата во Маџари ја вработил секретарката Мица и набавил компјутер, иако никогаш не научил да работи. Сепак, како декор, мошне добро се согласувал со двете дипломи од Пожаревац, кои ги закачил зад неговата фотелја од црн скај. Со секретарката се договорил секое утро да го чека бурек со месо и чаша јогурт на неговата фолклорно изрезбарена работна маса. На Мица и објаснил дека кога ќе му дојдат во посета разни бизнисмени или познаници, постојано да го бара на еден од локалот и да кажува дека го барал директорот на Стакло-трејд, на Метал-трејд, на Волна-трејд, заменик-министерот за економија, директорот на автобуската станица итн. Така, штом некој ќе го посетел, телефоните во бирото на Кољо ѕвонеле без престанок. „Знаеш, Мицо, ние немаме време за губење. На овој начин ем ќе не ценат повеќе, ем ќе им дадам до знаење дека имаме поважни работи“.
Главните бизниси ги договарал во ресторанот „Шарска плескавица“ во Драчево. Кога пукнала аферата со битолскиот ТАТ, пукнало и партиското пријателство со Туше Тушев, кој го убедил да ги вложи парите во штедилницата. Кољо решил да си ја најде среќата, најнапред во новоформираната Демократска алтернатива, од каде што искористил тајвански кредит за да го унапреди бизнисот. Паралелно, се вработил во Министерството за транспорт, каде што со Аљуш од ДПА членувал во комисијата за издавање ЦЕМТ дозволи за камионите во странство. Тоа било и најуспешниот деловен период на Кољо од паѓањето на комунизмот. За секоја ЦЕМТдозвола добивал по 2.000 марки. Секој ден одел кај Чамо на чкембе чорба. По излегувањето на ДА од власта преминал во ВМРО-ДПМНЕ.
„Отсекогаш сум бил ваш, само не сакав да се наметнувам“. Во попладневните часови продолжил со приватниот бизнис, кој го водела Мица. На изборите од 2002 година ја помогнал партијата со 10 канти сирење и 50.000 денари. Меѓутоа, за секој случај, преку Мица испратил и некоја канта и 25.000 денари и до СДСМ во населбата Маџари. „Мицо, треба да играш секогаш на сигурна карта, а можеби и на две, кој знае кој ќе победи“.
По победата на СДСМ, преку братучедот на Мица, го задржал своето местенце во Транспорт, но го преместиле во комисијата за тендери. Тука не можел да дојде до израз неговиот комерцијален талент, бидејќи директорот Таип од ДУИ, кој се сметал за социјалдемократ, ги зел под контрола сите трансакции.
„Ебати комуњарите, се сакаат да лапаат само за себе, кај се златните времиња на Љубчо, кога имаше за сите“. Овие зборови кај Чамо ги чул брат му на Апостол вмровецот. „Кога ќе дојдеме на власт, ќе има за сите, а криминалците во апс“, го охрабрил. Така Кољо Шкембарот станал поддржувач на младите сили на десницата. Во 2006 година прв го веел знамето на ВМРО на плоштадот Македонија. Таа пијана јунска ноќ му се сонило местото директор на јавното претпријатие. „Нема проблем, брат. Утре да одиш на работа, ти си новиот директор“.
По директива на брат му на Апостол, ги избркал од работа сите постари кадри од времето на Бранко и на Љубчо. „Се е тоа криминалец до криминалец. Ги знам јас однатре како тие размислуваат“. Им спакувал и судски тужби. „Ние сега владееме и ќе владееме уште еден век“. Потпишувал се што ќе му наредел брат му на Апостол.
По две години во јавното претпријатие почнало да се шушка дека еден ден, кога ќе дојде до смена на власта, ќе биде прв што ќе го уапсат. Неговиот стручен советник Мица го посоветувала. „Кољо, внимавај и оди си на некоја друго местенце, да ги избришеш трагите“. Ја послушал. Во договор со Апостол, во 2009 година се кандидирал за градоначалник на општината. Лесно победил, бидејќи ВМРО била со висок рејтинг. Така Кољо Шкембарот почнал да се занимава со урбанизација архитектура и археологија. Давал дозволи за згради, за бензински пумпи, за трговски центри, а го промовирал и споменикот за Македон Македонецот од Македонија. На промоцијата кажал: „Ние мислиме за иднината на Македонците, а не оние транзициски политичари кои го продаваат нашиот вистински антички идентитет за некое си членство во НАТО и Европа. Ако треба и ќе гладуваме, но ќе го сочуваме името. Зарем сега нешто ни недостасува?“
Во моментов, Кољо со својот стручен тим е на пат во Италија, за да се инспирира и да го осмисли идниот изглед на општината 2018. Мица и натаму е главниот советник на општината за стручни прашања.