Туѓа сметка

23.08.2010 | Гоце Ристовски (новинар) | Видено: 416

Ти беше било еднаш така Трпе наш да ти преколне некој човек кој го имаше поземено така на мајтап и го резилеше на општо задоволство на насобраните пред селската кооперација. Го преколнал така страшно, што на сите им застанал здивот како задушени од отровен гас во јапонско метро.
- Да даде Господ - му фрлил клетва Трпе, без око да му трепне - да правиш куќа и децата да не ти учат. - Леле, леле, да правиш куќа, оф, оф, оф, оф, децата да не ти учат - се шашардисале насобраните проевропски ориентирани, а балкански скроени. Човекот молчи некое време, збунет. Го заклапушија и замелушија отровните зборови на Трпета.Голта воздух како риба на суво, чиниш готов е, ги брои последните мигови од животот. - Што му траеш, море Трајко - свикал некој, оти Трајко му било името на човекот. - Буфни му и ти некоја прокоба. Некој тежок збор, па да го здоболи срцето надвор од мерата - се вмешал друг. Ги с’скале така како пцета, за работата да стане општонародна веселба на туѓа сметка. - За жена му врати му. Тој тебе за децата, ти нему за жената - дал некој конструктивен предлог, што сите го прифатиле со акламација, како на партиски конгрес. - Да даде Господ жена ти воспитувачка да биде. Да оди на работа за мали пари и да не ја примаат за стално - фрлил остро копје Трајче, па гледал каде ќе го погоди Трпета. - Тоа не е клетва, не важи - додал некој друг сеирџија. - Тоа е вистина. Трпеица е воспитувачка и нема решење. А ќе си го добие малку подоцна, како што објави министерот. Не ова, ами другото лето. Уште поточно, на куково лето.
И работата полека станала драма. Тотална драма - и социјална и политичка и интимна.
- Ве молам, дами и господа, без политика - свикал некој партиски војник на владејачката партија. - Ова не е клетва, туку политичка провокација. Вината за воспитувачките лежи во претходната ненародна власт, како и за се друго. Ова власт што ужива најголема поддршка од народот ветеното го исполнува. Ќе ги онакви и воспитувачките, ама не може сите наеднаш. Една по една треба да се е... Да се е... Елаборира секој поединечен случај. - Оваа ненародна власт само знае да ги троши народните пари што ги бере од глоби. Таа ќе решела нешто. Е, жими таквото. Само се шетаат со лопатите, да даде господ со лопатите леб да вадат, па да видат од кое дрво се прави суровица, а од чие млеко битолски кашкавал. Оваа власт тотално ја изолира Македонија, ја упропасти економијата.. - Море да даде господ тебе Трајче НАТО да те брани, а Европската унија да те поддржува. Како Ирак и Авганистан. После да не те пере ни Црвениот крст и Зелената полумесечина - ја врти Трпе работата на меѓународен план. - Море тебе, Трпе, да даде Господ да те кредитира Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, па да останеш и без тие гаќите непрани што ти се и други да немаш, како што немаш. - Доста е - свикал, пак, некој друг. - Не туку ја вртете на интернационално, работава е наша. Убаво почнаа луѓето со жените. Да се продолжи со жените, па да се помине на мајките и сестрите. Така не личи. Ние да не го оправаме светот, оти тој и така и без нас, кај и да е, ќе пропадне, оти врви по погрешен пат. Така да знаете, јас да ви кажам. Оти јас сум многу информиран, како портпарол на грчко министерство. Удрете по жените, ви велам, тоа е суштината на секоја демократија што ја води новата аристократија, како политичка еманципација на иднината за заштита на индивидуалните хомосексуални права и обврски со реминисценција на природните ресурси и индоктринацијата на младата популација... - И јас на тебе - му вратил некој друг. - Не туку дроби зелени, остај ги луѓето по свое наоѓање, по свој избор, да разменуваат клетви, што е една од традиционалните придобивки на Балканот, па и пошироко, се до Београда и Осијека. И станала штама. Ама Трпе наш, голем маж, одново се запенува во устата и блуе оган кон Трајчета. - Да даде Господ жена ти поезија да пишува. Таа седната на масата да си чучка на машината, а ти паниците да ги миеш и гаштите да и ги переш. Море, да даде Господ и книга да објави, да ја има на телевизија. Море и награда да добие и на Струшките вечери на поезијата да учествува. Ама на полн пансион да е, да не биде на дневница, ами цело време во ноќница. И го крши како селска погача Трајчета. Оти на Трајчета му се лоши од поезија како од лошо вино. На времето еднаш напишал една песна и толку. Ја промашил темата, ама ја погодил власта. Песната му почнувала со стиховите: „Дожд од небето паѓа, државата од глупци пропаѓа“. И толку неарно му станало, што за малку ќе се подмочал. Стрчнал зад кооперацијата да се испразни. Се фатил за таквото да се олесни, па му подвикнал на Трпета: - Трпе, абре се фатив за алатот, па ми текна за на сестра ти суратот. Арна ли е таа, како е?
И сите се кинеле од смеење оти фатиле место зборовите. И затоа што дејството на драмата се префрлило на сестрите. Првин на жена ти, потоа на сестра ти, па на мајка ти!