Вардарска бановина

28.07.2010 | Владимир Милчин (режисер) | Видено: 391

Странците испраќаат пораки, емисари, пишуваат писма, прават визити, го поттикнуваат Груевски да направи компромис со Папандреу. А потоа се распрашуваат наоколу дали е Груевски подготвен да го направи чекорот кој на Македонија ќе и ги отвори портите на ЕУ и НАТО. Би сакале да слушнат нешто што ќе ги поткрепи слатките зборови за искрената посветеност на груевци на преговорите со Грција. Кого лаже Груевски, граѓаните на Македонија или партнерите од Брисел, прашуваат, иако знаат дека тој ги лаже и едните и другите. Со ошумоглавувачка леснотија им веќава и на едните и на другите. Дали верува дека ќе му појде од рака уште еднаш да им се продаде како прагматичен Европеец на странците и, едновремено, како непопустлив Македонец на домашните? Странците се распрашуваат и дали опозицијата, проевропските Македонци и Албанците би можеле да истуркаат успешен референдум за името без оглед на евентуалната опструкција од груевци. И волкот сит и овците на број! Ем компромисно име, ем Груевски на власт! И Христос распнат, и Пилат со чисти раце! На ова безобразно недоквакано сценарио му одговоривме уште пред еден месец: Грујо го даваме, Македонија не ја даваме! Кај груевци врие. Претоварениот брод почна да тоне. Морнарите го напуштаат скокајќи од палубата. Се посомневале во курсот на кормиларот и бараат спас пред неизбежниот бродолом? Се лизнале од накривената палуба? Или кормиларот ги турка еден по еден во морето, надевајќи се дека, олеснет, коработ ќе го избегне бродоломот? Како и да е, околу накривениот брод веќе пливаат отпадоци и гнилеж кои ќе сведочат за гротескната хаварија која не била предизвикана од страшното невреме на бескрајниот океан. Не, хаваријата се случила во леген! Кормиларот го сокапал бродот терајќи го лево-десно, напред- назад, и така во недоглед... До мигот кога бродот ќе заринка на дното од легенот. Има и вмровци кои сепак се плашат дека Груевски би можел да се согласи Република Македонија да се вика поинаку. На пример, Република Вардарска Македонија! Јанѕа ги јаде дека не се работи за татковината, туку за парите, на што ги потсетува нивниот Ване Цветанов. Него не можат да го отпишат како сдсмовец. Го разбирам нивниот бес, но не разбирам зошто им се закануваат на оние кои јасно и гласно потсетуваат дека портите на ЕУ нема да ни се отворат без компромис со Грција. Што не му се заканат на оној што ги поведе? Само тој може и да ги продаде. Не знам дали ќе се викаме Република Вардарска Македонија, но знам дека заличивме на Вардарска бановина по избликот на љубов што го доживеа Цеца Арканова во Прилеп во кој владеат вмровците. Па се сетив дека на прилепското корзо меѓу двете светски војни имало куплерај кој се викал „Девет бановина“. Нека ни е на здравје!Во „Утрински весник“ ми фати око статијата која потсетува дека зимата 1933-1934 година, филозофот Хајдегер прогласил дека „прашањето за свесноста на волјата на заедницата е проблем што се појавува во сите демократии, но тој проблем може да стане плоден само кога волјата на фирерот и волјата на луѓето ќе се идентификуваат во нивната суштина“. И покрај „усреќувањето“ на народот со распеаната Цеца и покрај гестаповштината истурена врз Душко Илиевски и неговите, се надевам дека Македонија сепак ја одмина опасноста волјата на Груевски и груевци да стане волја на Македонците. Статијата во „Утрински весник“ завршува со реченицата: Она што го прави Хајдегер предизвик е фактот дека тој не се свртел кон злото, туку со размислување го трасирал патот до него.
Таа реченица го отвора прашањето за одговорноста на нашите филозофи и „филозофи“ кои го трасираа патот до злото на груевизмот, до бездушноста со која министерката за внатрешни работи бара институциите „да бидат оставени на мира“ иако направиле цел куп пропусти и неправилности при претресот, лишувањето од слобода, притворот и злоупотребата на податоците од казнената евиденција во случајот „Власта против семејството Илиевски“, до јакобинското демонизирање на опозицијата што во Собранието го изведе Илија Димовски, до сталинистичкото устоличување на партискиот извршен комитет на местото на Владата, обзнането лично од премиерот Груевски!