Вртелешка во чаршијата

17.03.2010 | Владимир Милчин (режисер) | Видено: 266

Саботата и неделата вечер ги поминав во Старата скопска чаршија. Детскиот театарски центар, сместен во некогашното кино „Напредок“, беше љубезен домаќин на ОПНТ (Општествено политички неподобен театар), кој го формираа четиринаесет млади актери, мои студенти, кои во јуни 2009 година дипломираа со четирите изведби на „Вртелешка“ од Артур Шницлер. Љубопитен и возбуден, се прашував колкумина скопјани ќе дојдат на саботната и неделната „Вртелешка“, откако ќе поминат по неосветлените улици на Чаршијата, на која од 2001 година политичарите и се „закануваат“ со ревитализација.
Во чаршиската вртелешка се вртат општински и градски градоначалници, директори на вакви и онакви заводи и управи, заменици министри и министри, па и премиери. Онака како што во Шницлеровата „Вртелешка“ се редат проститутки, војници, слугинки, сопруги, сопрузи, поети, актерки и грофови. Лажат и мамат, се преправаат, морализираат и лицемерат, изнудуваат молејќи, веќаваат на доаѓање и ликуваат на заминување, а всушност купуваат и продаваат. Немоќни во љубовта, моќни во презирот. Скржави да дадат, ненаситни да земат. И тела и души. Нивната алчност е ненаситна. Свршуваат само кога доминираат.
Публиката не остана глува за поканата на „Вртелешка“ дистрибуирана речиси само преку Фејсбук. И во саботата и во неделата вечер имаше по повеќе од сто гледачи. А „Вртелешка“ не е исклучок. Во Детскиот театарски центар се игра „Мирандолина“ на студентите од класата по актерска игра на албански јазик на Факултетот за драмски уметности, која ја води професор Рефет Абази. Се прашувам колкумина во Македонија знаат дека на скопскиот Факултет за драмски уметности се учи актерска игра и на македонски и на албански и на турски. Уште пред да биде потпишан Рамковниот договор. Треба да се знае тоа. Како што треба да се знае и тоа дека Детскиот театарски центар не ја ужива финансиската милост на нашите пострамковни власти, кои, сите од ред, се колнат во мултикултурноста.
А младите актери во „Мирандолина“ и „Вртелешка“ играат за она што ќе го платат гледачите. Билетот е 150 денари. Добивката ја делат со тројцата љубезни техничари, кои ги опслужуваат претставите. Ете како се ревитализира Старата скопска чаршија. Локалните и централните власти шетаат, се сликаат и веќаваат, а Детскиот театарски центар, Темов и уште неколку кафулиња околу Скендербег ја одржуваат Чаршијата да не умира ноќе.
Кога влегов во Чаршијата од кај Даут-пашин амам, морав да внимавам да не се сопнам на мрачниот плочник кај некогашната стоковна куќа „Мост“. Плочникот се реновира со години, како што се градел Скадар на Бојана. Кога влегов од кај Бит-пазар, за малку ќе се сопнев на приодот пред портата во неоотомански стил. Сепак, успеав да забележам дека некој ја скршил рампата со која некој друг сакал да го ограничи сообраќајот.
Неделната „Вртелешка“ ја отседов во канцеларијата со мојот другар Џидров, архитект и сценограф, технички директор на ДТЦ. Го прашав колку проекти за ревитализација на Чаршијата памети, а Џиби ми донесе цела фасцикла. Од неа се гледа дека во 2001 година, НИК „Лист“ иницирал проект за ревитализација на Старата скопска чаршија. Тогаш е најавено донесување закон. Општина Центар тогаш ја води Виолета Аларова, градот Скопје го води Ристо Пенов, Министерството за култура го води Ганка Самоиловска-Цветановска. Се менуваат градоначалниците и министрите. Во 2004 година е донесена Програмата за ревитализација 2004-2009, а во февруари 2005 година се презентирани проектите за ревитализација. Мелпомени Корнети раководи со координативното тело. Се менуваат градоначалниците и министрите. Законот за Чаршијата е донесен дури во 2008 година. А на почетокот на 2010 година беше промовирана уште една програма за ревитализација, која сега треба да ја спроведе некаков Национален совет. По тој повод, премиерот, министерката и тројцата градоначалници се прошетаа низ Чаршијата...
Уште на 15 јуни 2004 година, Мелпомени Корнети напиша: „Со ваквиот потег на Владата, се враќа вербата на граѓаните дека Чаршијата ќе ги обнови своите витални функции и повторно ќе биде атрактивно културно-стопанско и туристичко средиште, кое само на тој начин ќе биде и симбол на заедништво, врзно ткиво за двете страни на Вардар и на етничките заедници во Македонија“. Хартијата навистина трпи се.
Вртелешката со Скопската стара чаршија продолжува до нејзиното комплетно обезличување.