За татковината се работи

28.04.2010 | Владимир Милчин (режисер) | Видено: 482

Малку ми беше еднаш, па се вратив уште еднаш да го видам билбордот што блескаше пред „Мавровка“. На него, една од кулите на Калето гордо се издига на синиот фон, над неа уште погордо се развиорило државното знаме, а преку него со големи бели букви ни порачуваат: ЗА ТАТКОВИНАТА СЕ РАБОТИ. Во долниот агол десно стои потписот на партијата, која ни порачува дека за татковината се работи. И така дваесет години, од 1990 до 2010 година, ВМРО-ДПМНЕ.
Останав стаписан од најновото достигнување на преродбеничката пропаганда и истиот миг ја заборавив заканата дека ќе не преплавел новиот инвестициски бран. За волја на вистината, бранот го заборавија и оние што помпезно го најавија, зашто меѓувремено не преплави надојдениот Вардар. Откако се созедов, се сетив на тоа дека на Јосиф Висарионович Сталин му текнало за татковината дури откако Хитлеровите оклопни дивизии навлегле длабоко во територијата на државата во која се почнувало и завршувало со партијата. Клекнат во бункерот, ги повикал Русите на татковинска војна. Сите Руси, партијци и непартијци, вклучително и оние кои претходно биле осудени како предавници, отпадници и странски платеници, па потоа испратени на робија и на принудна работа во сибирските логори. Најпрвин, со помош на партијата, ја клекнал татковината, а потоа, со помош на татковината, ја кренал партијата и одново ја клекнал татковината која останала клекната се до своето распаѓање.
Што сака да ни порача партијата со билбордот? Татковината ни е во опасност? Од кого? Кој ја загрозува? Кој се готви да ја нападне? Домашните или странските непријатели или и едните и другите заедно? Како што Енвер Хоџа со илјадниците бункери ја бранеше од сите загрозената Албанија? Во името на сопствената параноја ја забетонира бедата на Албанците, кои прифатија да му бидат поданици. Колку споменици ќе бидат потребни за да се забетонира бедата на Македонците?
Или, пак, се работи само за порака која треба да не потсети дека тие, груевистите, работат за татковината? Ако се работи за тоа, каде исчезнаа ударничките 24/7? Ги повлекоа поради злобните јазици кои раширија интриги за тоа дека премиерот ни оди на работа околу пладне? Како да е важно тоа!
Малодушноста зборува од вас, другари пропагандисти! Зар не гледате колку далеку е дотркалана татковината за која се работи? Зар се поколебавте пред клеветите и лагите на грст предавници и платеници? Зар потклекнавте пред протестите на архитектите, Ромите и стечајците, поттикнати и организирани од изродите? Резултатите зборуваат, другари пропагандисти! Погледнете околу себе, појдете во болниците, градинките, училиштата, возовите, фармите, селата; повозете по улиците и патиштата; загледајте се во дупките - насекаде врие! Зашто за татковината се работи, а не за џебовите на властодршците!
Злобниците ќе прашаат за која и за чија татковина се работи. За онаа што ќе сте ја прекројувале 2001-та со размена на население и територии? Злобниците ќе приговараат дека долговите што ги правите и каматите што ќе треба да ги плаќаме ќе ја клекнат татковината повеќе од Грција! Ќе креваат тревога за тендерите, за пробиените буџети, за инвестициите кои никако да дојдат, за партиските вработувања, за затворените врати во Брисел и за што ли уште не! А вие не одговарајте, туку постројте ги пред билбордот кој ќе им подвикне дека ЗА ТАТКОВИНАТА СЕ РАБОТИ. Се разбира, злобниците, бидејќи се злобници, ќе изобличуваат, ќе пишуваат графити дека ТАТКОВИНАТА СЕ РАБОТИ, ќе прашуваат КОЈ ЈА РАБОТИ ТАТКОВИНАТА и слично, но вие не сакалдисувајте се, парите се на ваша страна. Кога се работи за татковината, а се знае кој е татковината, не треба да се жалат парите! Не запирајте, израдувајте не со билборд на кој ќе пишува: ЈАС СУМ ТАТКОВИНАТА, А ВИЕ СТЕ МАКЕДОНИЈА. И не заборавајте го вперениот прст! Тогаш ќе стане јасно дека ЗА ТАТКОВИНАТА СЕ РАБОТИ значи МАКЕДОНИЈА (СЕ) РАБОТИ ЗА ТАТКОВИНАТА! А се знае кој е татковината! И се знае и тоа дека патриотите (се)работат за татковината!
Така работите најпосле ќе си дојдат на местото. И никој нема да може да се пожали дека не му било кажано. На билборди. На телевизии. Во весници. Дури и оние што врескаат дека се измамени и изгорени од преродбата ќе мора да признаат дека знаеле, но се правеле недоветни. Еве, јас ќе бидам првиот кој јавно ќе признае дека знае дека МАКЕДОНИЈА (СЕ) РАБОТИ ЗА ТАТКОВИНАТА. И дека знам кој е во Македонија татковина. И кој е и што е татковина во Македонија!