Законот ќе се промени, грдата навика - потешко
19.02.2010 | Влатко Ѓорчев (пратеник) | Видено: 181
Каде завршува правото на едните, а каде почнува правото на другите? До каде завршува демократијата, а од каде почнува дискриминацијата?
Деновиве се кршеа копја и над Законот за заштита од пушењето. Убеден сум, а ве уверувам и вас, дека актуелниот закон, со кој се дозволуваше да дишеме чист воздух, односно се забрануваше пушење на јавен простор, не штитеше подобро, но не можевме да ја решиме вечната дилема каде завршува правото на пушачите, а каде почнува правото на непушачите.
Да видиме што се забрани, а што се дозволи.
До пред седум недели, пушењето беше дозволено на сите јавни простори. Работевме, пешачевме, јадевме, пиевме кафе, едноставно живеевме во чадот од цигарите. Цигарите го „согоруваа“ здравјето на цела нација. Без разлика дали се опозиција или на власт, без разлика на национална припадност, без разлика на годините.
До скоро, до пред две децении, и не се знаеше многу за пасивното пушење. Живеевме задушени од чад и од незнаење. Но, денес, живееме зачадени само од цигарите. Денес е познато дека преку пасивното пушење вдишуваме околу 4.000 отровни материи! Шеесет и девет (69) од нив се познати како канцерогени супстанци, супстанци кои предизвикуваат рак.
Преку активно пушење, или тие што имаат право да изберат да пушат или не, се вдишува само 15 отсто од штетните материи кои ги содржи цигарата. А другите 85 отсто? Тој дел го делиме, ние, нашите деца, нашата животна средина. Тој дел е оставен на сите нас.
Со пасивното пушење се вдишуваат многу повеќе од некои отровни материи, за разлика од активното пушење. Пример, кадмиум - познат како главен причинител за рак на белите дробови. Непушачите го вдишуваат шестпати повеќе од пушачите.
Речиси секој од нас просечно поминува околу два часа во просторија во која се пуши и вдишува чад исто како да испушил четири цигари.
На секој осми пушач, кој умира од болест условена од пушењето, умира и по еден непушач, од истата причина.
Цигарите, според Светската здравствена организација, годишно убиваат по 5 милиони луѓе. Тие им оневозможуваат на 10.000 бебиња годишно да се родат со нормална тежина. Чадот е причина за астма на околу 1.000.000 луѓе годишно.
Ризикот за рак на белите дробови кај пушачите е зголемен за 65 отсто, а кај непушачите кои се изложени на пасивно пушење е зголемен за 20-30 отсто.
Покачен крвен притисок, срцеви заболувања, силни главоболки, проблеми со органите за дишење, рак на белите дробови - тоа се само дел од заболувањата кои може да бидат предизвикани од цигарите.
Во Македонија, цигарите направија огромна штета. Имаме армија млади луѓе кои се заболени од астма. Годишно трошиме 80 милиони евра за лечење на овие болести.
Секојдневно изложуваме околу 300.000 деца на чад од цигарите во кои возрасните уживаме од потреба или од тренд.
Но, седум недели не беа доволни да се навикнеме да живееме без цигари, а одвикнувањето од нив доведе до борба за права. За едно се согласивме сите - цигарите се штетни - но, сепак, одлуката ја носиме сами.
Законот за заштита од пушењето ќе се промени. Тој и понатаму ќе ги штити оние што не сакаат да бидат изложени на чадот од цигарите, но им овозможува на другите да си ја задржат старата навика за пушење. Пушењето се дозволува во отворените делови од рестораните, во баровите, во летните дискотеки и во летните бавчи. Отворениот простор повторно се покажа како простор за сите. Доволен за правата на пушачите и непушачите, а верувам и - доволен за спроведување на овој Закон.