Женска крава и машко теле

01.03.2010 | Гоце Ристовски (новинар) | Видено: 52

Ба си му ја та пустинава што време дојде човек да не може да го додржи зборот - и се жали Трпе на Трпејца, седнат на дрвеното столче до кофторчето со чалма на главата од бела риза што ги преврзува компирите сечени на тркалца.
- Што време дојде, ти велам да ми веруваш, ете, вистина е, и ти знаеш, колку пати сум рекол да не пијам варена ракија врз вино домашно варено... Ама такви времиња дојдоа, човек никако да не може зборот да си го додржи.
- Летат времето Трпе, му реплицира Трпејца како опозицијана во парламентот, повеќе и од умот твој што го немаш. Статистички гледано додека два пати да ми се поткачиш, и тоа со молење, годината изврвела. И кога ќе видиш ништо не останало. Како ланскиот снег. Се е гола вода, остануват само спомените...
- Да не ја вртиме пак на политика, ја сече Трпе наполу како крива краставица со џебно ноже. Остануваат спомениците. Спомениците, па спомениците. Главата ми ја подувте како поштарска торба полна пензии. Јас со тоа имам расчистено. Нека ми се потсмеваат будалетинките и од опозицијава и од ненадејниот фактор. Спомениците се за арно. И нека е со помин.
- Што ти го гледам умот што не ти се гледа оти ти е невидлив бре Трпе. Затни ја та муцката. Ќе те почуе некој, ќе мисли сега на стари години ќе фаќаш да ја оправаш државата или, не дај Боже, ќе си речат одново сакаш да аплицираш за бања, го подбира Трпејца како изгубено јагне. Јас не реков споменици туку спомени море, глувтар.
- Не рече, ама на тоа мислеше. Те знам јас тебе. Едно мисли, друго збори и ништо не прави, така троши си од направените. Само ти знаеш. Твоето е најпрво и најправо. Да не си ти судијка во Уставниот суд? Да не си ти во тајна врска со моите лути политички противници. А?
- Не бре Трпе, не будали се. Кај можам со сите, многу се. Ти, како што те дал Бог, само противници имаш и малку ти се. Не оти имаш некој пријател. Некој да ни дојде, да поседи некој ден, да не орасположи малку во оваа пустелија. Да испретпосавиме, на пример, така да речам, некој градски човек, што си ги мие нозете редовно и си ги сече ноктите. Капен, намирисан, напудерисан, што знае да си стави мушамче...
- Тебе пак ти забегува умот накај Европската унија. Доста со тие кампањи за здрав сексуален живот. Од тебе не излегува асална невладина организација. Само си го губиш времето. Од курс на курс, колот в газ. Само си го губиш времето, така да знаеш. А тоа „с“ на крајот за што ти служи, за да ги прикриеш трагите, да не се сети власта што се прави по тие невладините. Само првите три букви се важни на тоа курс, му го заборавам името.
- Не биди прост Трпе. „С“ ми служи за множина, слабо знаеш граматика, не работиш со јазикот. И не туку дроби зелени како коприви за прасето. Во ова наше село, зима дојде и се е бело. Се е бело ама и Ѓаволот рекол лека ноќ. Заборавени како документарна програма на нашата телевизија. Никој не доаѓа. Ни кутри глумци за забава ниту политичари за разонода. Затоа јас го јакнам невладиниот сектор. За спас на селото, селото наше македонско, запуштено и осиромашено...
- Доста, доста, не дрдори. Ќе ме фати, со извинение, стомакот. Блазе си му на селото македонско што ти ќе го спасиш. Ти не можеш со години да се спасиш од вошките што ти шетаат во косата како западни дипломати во државава. Јас ќе го спасам селото наше. Имам проект. Ќе го направам туристичка атракција, од странчишта глава да не можеме да кренеме. Паришта ќе вријат, а ние ќе си уживаме.
- Дали вистина велиш море, Трпе? Многу странчишта, а? Како?
- Со Коле!
- Кој Коле, бре?
- Е со овој доле, глупава Трпејце.
- Леле, офна Трпејца, жива да не сум, ич не ми текна. Сум го заборавила, рече и се почеша под сукњата. Со години ниту сум го чула, ниту сум го видела.
- Ќе направам споменик на кравата и телето што ги продадовме и во светот ќе ја пласирам нивната приказна. Денес, тупава жено, се е во приказните. Современиот свет сака приказна. Затоа сите наши телевизии по стопати даваат исти народни приказни. Како прво, сме ја продале кравата што живот ни значеше оти никој не ни го откупува млекото. Второ, како тие што ни го откупуваа не испокрадоа... Второ, како телето плачеше, па моравме и него да го продадеме. „ПНЖКМТ“ така ќе го крстам споменикот. Поранешната наша женска крава и машкото теле. И ќе навалат туристи, вознесено говори Трпе, а на тој туѓ збор Трпејца се насмевна како да се заблажила. Дури од Индија, бамбори Трпе, оти тие ја обожаваат кравата и од ЕУ, САД и НАТО, тие се повеќе по телешкото. Кравата ќе биде и фонтана. Кога ќе ја потегниш за вимето ќе потече хлорирана вода како млеко. А телето ќе зборува, како Мона Лиза во Лувр:
Јас сум теле и како теле
цел свет ме гледа.
Наша победа!
Секоја крава има виме
нашата земја ќе остане без име
оти кај нас и во лето и во зима
телиња многу има.