Зрнца здрав разум
17.02.2010 | Владимир Милчин (режисер) | Видено: 215
Кога го прашаа зошто изградил мост тука, над непостоечката река и над непостоечката бездна, рече: А каде ќе спијат бездомниците?!
Книгичето од кое цитирам во денешнава колумна се вика „Мали митови“. Авторот се вика Станислав Јежи Лец. Тој беше еден од најголемите афористи од времињата на едноумието, за кои поверувавме дека никогаш нема да се повторат. Колку бевме наивни! Во времиња како нашево, кога безумието е единствената дозволена состојба на умот, сизифовски е напорно да се зачува здравиот разум. За да се одбраниме од секојдневните отровни испарувања со кои не задушува режимот ќе мора да консумираме големи количества хумор. Хуморот можеби нема да ни ги спаси главите, но бездруго ќе ни го спаси умот.
По градот се таложи патина. Ѕидовите се покриваат со натписи кои зборуваат за особините на сограѓаните, а со самото тоа и на авторот. Но, недалеку од мостот прочитав детска чкртаница напишана со креда: Ве молам, сакајте го Господ Бог! Ме обори таквата форма на учтивост. Си го слушам своето срце и затоа внимавам само на формата, а не на содржината. Но, во еден миг посакав да видам контранатпис од Господ Бог упатен на сите други Богови: ВЕ МОЛАМ, САКАЈТЕ ГО ЧОВЕКОТ!
Овој цитат го избрав кога го видов насловот во вчерашниот „Шпиц“: Само безбол-палици за вас комуњари! И тоа е цитат, една од заканувачките пораки упатени до активистите на Плоштад Слобода од оние што божем го сакаат Бога.
Кој го финансирал создавањето на светот? Дали таа инвестиција воопшто се исплатила, за колку пораснала вредноста на светот и за колку се намалиле природните богатства?
Доколку првото прашање и не е баш религиозно, дотолку второто, иако претешко, би требало да ги провоцира економистите.
Пред многу години, во времето кога Полска стенкаше под т.н. реален социјализам, Јан Кот, славниот сограѓанин на Лец, објави: Шекспир е наш современик. Во кое време живееме ние и каква е нашата вина што Станислав Јежи Лец ни стана современик денес, кога Македонија стенка под груевизмот?
На дворот на кралот Минус еден од дворјаните се закашла (значајно). Церемонијал-мајсторот го погледна (значајно). „Грлото“, закркори дворјанинот. Дворскиот церемонијал-мајстор извади кутивче со бонбончиња: „Одлични се за кашлица“. Дворјанинот деликатно, со два прста, го зеде апчето, го голтна и се закашла, последен пат во животот. Присутните го запреа здивот, воздржувајќи се да не се закашлаат, зашто церемонијал-мајсторот уште не стигна да го затвори кутивчето со бонбончињата.
Секоја страница во „Мали митови“ содржи луцидни поенти. Утеха поради сознанието дека не сме први во бедата или укор поради слепилото што не зафатило?
Познавам еден скулптор. Сите дела му се уништени од пожарот на војната. Постои само уште живиот модел на неговите остварувања. Го гледам вџашениот поглед на уметникот кога гледа како неговиот модел од година во година се повеќе се руинира.
Во кој век живееме ние Македонците денес и овде? Во дваесет и првиот? Има и такви. Тоа се оние што ќе спечалат така што ќе не закопаат во светот на виртуелното минато.
Имам селско потекло. Поради тоа, ѓубрето за мене никогаш не било понижувачко, секогаш било животворно. Многупати останував замислен над метафората „ѓубрето на историјата“. Колку ги мразам фабрикантите!
И уште еден цитат на кој не можам да му одолеам поради убиствената универзалност која му гарантира вечност на Станислав Јежи Лец.
Бев еднаш во државата Х. Отидов во хотелот и онака уморен веднаш се струполив во креветот. Не знам колку долго спиев, кога ме разбуди тропање на вратата. Тоа беше преплашениот, но строг портир. „Ве молам, господине“, ми се развика, „кај нас мора да се спие, а не да се сонува!“
А за крај, еден цитат во кој главниот лик е дете незаразено од доктрини, догми и катехизиси. Неговите очи гледаат со бистрината на непосредноста, без превезот што го плетат фабрикантите спомнати малку погоре.
Го пронајдов непознатиот крај на Андерсеновата бајка „Царевото ново руво“. Гласи вака: „Погледнете, сепак е гол!“, викна едно дете, покажувајќи кон владетелот. И, пред четирите службени метреси на царот да успеат да ги покријат срамните места на монархот, детето радосно плесна со рачичките и додаде: „И скопен!!!“.