09:00 | 06.09.2010 | Автор: Бранко Героски

Грујо како Фидел Кастро

Бранко Геровски - Острилка Многу одамна, еден мој пријател беше гостин на конгрес на партијата на Фидел Кастро во Куба. Целиот конгрес се состоел од свечено отворање, говор на водачот и од еден долг аплауз. Немало дискусии, гласања, неизвесности. Сепак, настанот се одолжил, бидејќи Кастро говорел цели три дена, со куси паузи на неколку часа и со две подолги вечерни паузи, за делегатите да можат да ја проследат познатата теленовела „Исаура“. Обраќањето на премиерот Никола Груевски до јавноста ме потсети на оваа случка. Чинам дека и нему, како и на Кастро, му беа потребни три дена за да ги опише сите свои успеси и сета храброст со која им се спротивставува на непријателите. Сепак, времето сега е поинакво, теленовелите и очајните домаќинки се намножија и Грујо мораше да се задоволи да се фали само два часа. И тоа беше доволно да сфатиме дека тој неповратно го изгубил контактот со реалноста, убеден дека неговите „теренски“ средби со „народот“ му ја доловуваат реалната слика за среќната нација, која го обожава својот успешен лидер.
Осамен во својата лажна величина и во незапирливата сточекорница кон амбисот, Груевски остана сам и на сцената. Неспособен да се соочи со прашањата на новинарите, уште помалку со критиките на политичките противници. Жив доказ дека нема поголема љубов од љубовта кон себе самиот.