09:00 | 02.09.2010 | Автор: Бранко Героски

Античка свадба

Бранко Геровски - Острилка Откако ги избркавме Грците, ги удавивме Бугарите и ги истепавме Србите, што друго ни преостана освен во Охрид да развиваме - свадбен туризам?
Најновиот хит во Охрид се вика античка свадба. Го лансираше извесна Бојана од Европската банка за обнова и развој во копродукција со Паско Кузман и со македонските власти, кои и овозможија да го искористи Античкиот театар за својата свадбена веселба.
А свадбата? Свадба ко свадба, што би рекол Балашевиќ, шта да се прича – парада пијанства и кича. Бел шатор на сцена, званиците во бели фустани и бели кошули, староримски ловорики и викиншки рогови на главите, звуци од харфа, музика од „Пред дождот”. Јазикот, антички англиски. Зетот, Швеѓанец. Гостите, од Њујорк, од Стокхолм и од многу други белосветски метрополи. Сите воодушевени од поминот во антиквизирана Македонија. Вакво нешто нема ни во Дизниленд.
На крајот на сезоната, Охрид го доби најзначајниот настан од областа на културата. Специјално за оваа пригода, за античките свадбари, бродот „Галеб”, кој заедно со другите охридски бродови беше неутешно закотвен цела сезона, сепак заплови.
Како и да е, Бојана ни покажа како најпаметно може да се обмисли и да се комерцијализира антиквизацијата на Македонија. Најмалку поради тоа, на интелигентната мома и посакувам брачна среќа, најмалку три деца и многу, многу пари. Заслужени.