10:00 | 08.03.2010 | Автор: Бранко Героски

Антикризни мерки

Бранко Геровски - Острилка Веќе една недела полицијата со пајаци го празни кружниот тек во Центар од паркирани возила. Напаѓаат како волци во глутница. Прво наивно мислев дека ова е одмаздничка кампања, откако пред неколку дена ги собраа моето и возилото на мојата сопруга од пред зграда, а јас налутено побарав арачот да се збира неселективно.
Сега гледам дека пајакот бил антикризна мерка. Полицијата немала пари да си купи бензин. На обвинителствата им се исклучени телефоните, а можеби ќе им снема и струја. Нема пари за греење на училиштата. Нема за социјално. Нема пари за ништо. Освен за „Скопје 2014“.
Како и да е, планирам да си купам катинари и да ги заклучувам вратичките на резервоарите на нашите возила. Како некогаш хаубата на моето прво „фиќо“. Оти, што ако на полицајциве им текне да ни ги отвораат резервоарите и со цревца да ни шмукаат од горивото? Уште една антикризна мерка.