09:00 | 29.07.2010 | Автор: Бранко Героски

Да се бунтуваме против цензорите!

Бранко Геровски - Острилка Е, драги мои колеги новинари, ви заврши „медениот месец“ со „преродбеникот“ и „реформаторот“ Никола Груевски. Доаѓа време кога сите вие што мислите со своја, а не со главата на Мартин Протогер, еден по еден, ќе сфатите дека порано требаше да се спротивставите на диктатурата на нашиот вожд.
Кога го критикувам Груевски, многу мои колеги ми забележуваат дека претерувам. Кога зборувам за цензура, ми велат дека лажам. Кога и мене ми се случи нешто слично на она што им се случува на новинарите од Канал 5, некои ми се потсмеваа и гледаа сеир.
Во вакви ситуации, спасот за нас е храброста, одлучноста и солидарноста. Затоа, имам длабоко почитување за храбриот настап на колешката Весна Коваческа-Трпчевска, која се осмели на Груевски јавно да му каже да престане да им се заканува на новинарите и да не се обидува да плаши врапци. И отворено и јуначки да му порача: „Ние не ви се плашиме!“
Така е, не треба да му се плашите! И треба да се сретнете со амбасадорите Филип Рикер и Ерван Фуере, кои многу добро знаат што се случува во медиумите, но понекогаш замижуваат. Странски дипломат на еден мој пријател деновиве му рекол дека на меѓународната заедница воопшто не и е важно дали во оваа земја имаме слобода и демократија, само Груевски да го реши спорот за името. Мајката! Е затоа, треба и на странците јавно да им се каже – господа, за името ене ви го премиерот, а слободата и демократијата за нас се како кислород, без кој не се живее.
Поради цензурата на Груевски, во оваа земја работа губат новинари кои работат чесно, за скромни пари. Тие имаат семејства, кои сега страдаат. Луѓе мои, тоа не ве интересира?! Ги повикувам новинарите да се бунтуваат, а сопствениците на слободните медиуми во земјава веднаш јавно на отпуштените новинари да им понудат работа. Или тие се врапците на кои им се заканува Груевски?