09:00 | 03.09.2010 | Автор: Бранко Героски

Нацијата во шок

Бранко Геровски - Острилка Уредниците на медиумите само што ги беа резервирале насловните страници и ударните минути во телевизиските вести. Засилени екипи на брзата помош подготвено чекаа зголемен број повици на хронично болните и повозрасни граѓани, чувствителни на екстремни возбудувања. Граничните премини и аеродромите го очекуваа првиот бран странски државјани, кои имаат намера да се доселат во Македонија веднаш по узнавањето на веста за огромните постигнувања на премиерот на една мала земја, која најуспешно од сите одолева на светската криза.
Накусо, се беше спремно за вчерашното обраќање на премиерот Никола Груевски до нацијата, на кое, како што беше најавено, тој требаше да даде отчет за својата работа. И види чудо невидено - медиумите беа известени дека обраќањето е одложено за 24 часа!
Неверојатно! На телевизија филм ќе одложат, па сто пати ќе се извинат. А овие историски настан одложија, без збор објаснување, оставајќи ја нацијата во шок и неверица. Има обичај Грујо да доцни по половина час, по час, па и по два часа, но што е право, право е - тој никогаш не задоцнил цел ден. Што се случува со нашиот премиер? Да не настинал? Да не си го скршил прстот, вежбајќи во вежбалницата на Коце? Да не си го шинал вратот, воодушевувајќи се од убавината на лавовите крај Вардар? Да не свратил, не дај боже, во Велешката болница?
Успокојте се, мили мои, не е ништо страшно! Едноставно, човекот толку многу сработи во овие четири години, што не стасал сето тоа да го напише во извештајот. А успесите се ројат со молскавична брзина, така што се што ќе се напише претпладне, веќе попладне е бајато, а со самото тоа и необјективно. Како и да е, извештајот се пишува. Со срцето. Така и ќе го примиме.