09:00 | 23.08.2010 | Автор: Бранко Героски

Срќко може да ги сонува моите тиражи!

Бранко Геровски - Острилка Ќе го злоупотребам, секако, мојот личен простор во овој весник, за да одговорам на личните дисквалификации на Срѓан Керим, кој во неговото последно интервју ме нарече „чедоубиец“ на „Дневник“. Во оваа пригода, на нервозниот дипломат, кому очигледно му гори под нозете, ќе му кажам само три работи:
Прво, Срќко може само да ги сонува моите тиражи на „Дневник“, вклучувајќи го и просечниот тираж во последниот месец на моето раководење со редакцијата, за што, секако, постојат писмени документи што ги чувам. Јас со бројки не сакам да се расфрлам. Но, ако е маж, Керим нека собере храброст да ги објави тогашниот и сегашниот тираж на „Дневник“.
Второ, Керим може да ги негира разговорите и ветувањата на ВАЦ за развојот на „Дневник“, но за тоа можат да посведочат тогашните содружници и водечките уредници на весникот. И нема потреба јас да ламентирам над судбината на весникот што го основав. За него се загрижени луѓето што таму работат, меѓу кои има и врвни професионалци. Тие гледаат дека нивниот шеф се занимава со сопствениот политички рејтинг, со глобалното затоплување и со што ли уште не - и јасно им е дека работата не ја бидува.
И трето, признавам дека многу нешта би имало да се кажат за моето раководење со редакцијата на „Дневник“. Раководев како што најдобро знаев и умеев, со сите мои доблести и мани. Но, некои нешта, сепак, не би можеле да се кажат. Не би можело да се каже, на пример, дека во мојата поранешна фирма сум донел сметка за паста за заби и за боја за чевли купени во „Веро“. Како што некој тоа го направил. Погодувате кој, нели?!