10:00 | 04.03.2010 | Автор: Бранко Героски

Вмровските бегови

Бранко Геровски - Острилка Стар сум за цапање во кал и мислам дека тоа не може да ми помогне да ја почувствувам горчината во душата со која живеат нашите селани и земјоделци со години и со децении. Можам само да замислам какво е чувството кога некој ќе се понадева во единствениот вреден потег со кој може да се пофали оваа влада во овие четири години, одлуката драстично да ги зголеми државните субвенции за аграрот, а потоа ќе биде дрско излажан.
А ако им се верува на извештаите на репортерите од теренот и на секојдневните поплаки на фармерските здруженија, токму тоа се случува. Државното земјоделско земјиште им се доделува под концесија главно на партиските војници и се окрупнува во рацете на вмровските бегови, а имало случаи кога еден добивал 150 хектари, а другите - ни педа земја. Ефектот на оваа срамна операција е двоен: вмровските бегови добиваат и земја и државни субвенции, кои се делат по хектар.
Да си признаеме, драги мои, земјата неправедно се делеше и во Бранково време, ама анџарите никогаш не биле поголеми и поостри од сега.