Американска државна безбедност: Косово, извор на тензии
10:30 | 05.02.2010 | Автор: МИА
Косово, заедно со Босна и Херцеговина, се најголем безбедносен предизвик во Европа, пренесува приштинскиот весник „Коха диторе“ извадоци од годишниот извештај на шефот на американските безбедносни агенции Денис Блер, поднесен до Комитетот за безбедност на Сенатот.
Во извештајот, од 2 февруари, се наведува дека ситуацијата не се изменила во текот на изминатата година и оти е потребно „вклучување на западната дипломатија и безбедност“. Природата на нивното вклучување и вештината на Вашингтон, ЕУ и останатите да работат заедно многу ќе влијае на безбедноста во регионот, се вели во извештајот. Блер наведува дека и покрај фактот дека повеќе од 60 земји, го признале Косово, „во годините кои доаѓаат, во понатамошна консолидација на државноста Приштина ќе остане зависна од меѓународната заедница, што се однесува на економската и развојна помош, како и од дипломатската поддршка, а потенцијално и безбедност“.
„Мнозинството од српската заедница гледа кон Белград и пружа отпор кон интеграцијата во косовските институции, иако изгледа дека ситуацијата полека се менува на југот на Косово. Влијанието на Владата на Косово на северот на земјата, каде мнозинство од населението е српската заедница, неверојатно е слабо“, се наведува во информацијата на директорот на националната државна безбедност на САД. Службата за безбедност на САД е составена од 16 владини безбедносни агенции, вклучувајќи ги ЦИА, НСА, ДИА, ФБИ, ДЕА и други.