Грција на раб на банкрот
20:00 | 26.01.2010 | Автор: Соња Танеска Игнатоска
Според анализите, ако земјата банкротира, односно не може да зема кредити за да ги покрие своите должнички обврски, тоа сериозно би го загрозило европскиот монетарен систем.
За Грција е критичен периодот до 16 февруари, кога Советот за економски и монетарни прашања на ЕУ ќе треба да се произнесе по предлог-програмата на владата во Атина за стабилизација и раст на грчката економија.
- Делата се поважни од зборовите - изјави Алекс Вебер, прв човек на германската централна Бундес банка и кандидат за наследник на Жан Клод Трише на претседателското место во Европската централна банка.
Со ваквиот став се согласуваат и експертите и инвеститорите, кои во своите објавени текстови и анализи вршат притисок врз грчката влада за преземање мерки за излез од сегашниот финансиски ќор-сокак. Меѓутоа владата во Атина е вознемирена од притисокот на фармерите, кои протестираат, но и од надвиснатата опасност од банкрот на земјата.
Економските експерти не се сосема убедени дека програмата на владата и на министерот за финансии Јоргос Папаконстантину може да стави ред во финансиите на земјата. Тие дури сметаат дека Грција веќе е на раб од банкрот што е видливо и од растот на државниот долг. Минатата недела инвеститорите продолжија со продавање на грчките обврзници, што придонесе за натамошно зголемување на каматите меѓу грчките и германските хартии од вредност.
Бранот на продажби беше поттикнат и од написите во странскиот печат, а пред с* во големите економски весници „Фајненшал тајмс“ и „Вострит журнал“, кои финансиските проблеми на Грција ги поврзаа со пад на еврото.
Тие тврдат дека ако Грција банкротира, односно не може да зема кредити за да ги покрие своите должнички обврски, тогаш и други земји во еврозоната кои имаат исти фискални проблеми не ќе можат да ги финансираат сопствените дефицити, што сериозно би го загрозило европскиот монетарен систем.
Прашање е дали ЕУ или некоја друга финансиска организација би можела да & даде помош на Грција доколку таа не биде во можност да зема кредити. Алекс Вебер смета дека „институционалната рамка на ЕУ не предвидува задолжителна помош за држава-членка“, додавајќи дека „нема да биде неопходно Меѓународниот монетарен фонд да интервенира за стабилизација на Грција“.