Клистерс збришана за 52 минути
12:00 | 23.01.2010 | Автор: Шпиц
Најголемото изненадување на денот се случи на женскиот дел од Отвореното првенство на Австралија, каде што Надја Петрова за само 52 минути ја збриша Ким Клистерс, препуштајќи & само еден гем на Белгијката.
- Не ми се верува дека можеше вакво нешто да ми се случи. Не сум разочарана дека загубив, туку за начинот на кој ми се случи тоа. За овој пораз сум виновна самата, концентрацијата и фокусираноста ми беа нула. Надја го искористи тоа на најдобар можен начин - изјави разочараната Клистерс, 15. носителка во Мелбурн.
Малерозен ден имаше и српската тенисерка Јелена Јанковиќ, која по стапките на својата помлада колешка Ана Ивановиќ се пресели на трибините. Осмата фаворитка со 6-2, 6-3, беше поразена од Украинката Алона Бондаренко. Од фаворитките неуспех доживеа и 11. носителка Марион Бартоли од Франција, која со 7-5, 3-6, 0-6 загуби од Жи Женг од Кина.
На машкиот дел од турнирот третото коло беше кобно за 12. носител Гаел Монфилс. Французинот со 1-6, 6-4, 6-7, 6-7 загуби од Џон Иснер од САД. Преостанатите носители имаа мирен ден забележувајќи убедливи победи.
Поважни резултати
Мажи: Родик – Лопез 6-7, 6-4, 6-4, 7-6; Дел Потро – Мајер 6-3, 0-6, 6-4, 7-5; Мареј – Сера 7-5, 6-1, 6-4; Чилиќ – Вавринка 4-6, 6-4, 6-3, 6-3; Надал – Колшрајбер 6-4, 6-2, 2-6, 7-5.
Жени: Сафина – Балтача 6-1, 6-2; Анин – Клејбанова 3-6, 6-4, 6-2; Петрова – Клистерс 6-0, 6-1; Јанковиќ – Бондаренко 2-6, 3-6.