Министерот Милошоски во официјална посета на Словенија
14:15 | 25.01.2010 | Автор: МИА
Скопје, 25 јануари - Министерот за надворешни работи на Република Македонија Антонио Милошоски утре ќе отпатува во официјална посета на Словенија.
За време на посетата, шефот на македонската дипломатија ќе биде примен од претседателот на Словенија Данило Тирк, а ќе оствари средби и со неговиот словенечки колега Самуел Жбогар, како и со претседателот и членовите на Комисијата за надворешна политика при словенечкиот Парламент. Предвидени се и средби со поранешниот словенечки премиер Јанез Јанша и со европратениците Зоран Талер, Милан Звер и Јелко Кацин.
Во Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии во рамки на циклусот предавања на тема „Западен Балкан и ЕУ“, како што е најавено, Милошоски ќе одржи предавање насловено „Република Македонија на патот кон ЕУ и НАТО“ со кое ќе ја претстави македонската надворешна политика.