Пол Ширли не дава пари за Хаити
22:00 | 29.01.2010 | Автор: Шпиц
Поранешен кошаркар од НБА-лигата, настраданите ги спореди со бездомници и со просјаци
Поранешниот НБА-кошаркар Пол Ширли, јавно се декларира како вистински скржавец. Играчот, кој според статистичарите во најпопуларната лига има само 15 минути професионална кошаркарска кариера, изјави дека не дал и дека нема намера да даде ниту еден цент за помош на жртвите на Хаити. Не само што се покажа како тежок скржавец, туку настраданите од катастрофалниот земјотрес од седум степени според Рихтеровата скала ги спореди со бездомници и со просјаци.
- Не сум донирал пари за Хаити и најверојатно нема да го направам тоа. Не давам пари за помош на Хаити од истата причина поради која не им давам пари на бездомниците на улица. Поучен од минатите искуства, мислам дека човек што држи парче картон на кое пишува „Ми треба твојата помош“ нема да направи ништо конструктивно со доларот кој би му го дал. Ни луѓето на Хаити не би направиле нешто значајно со парите што би ги донирал - вели Ширли, кој има одиграно вкупно 18 меча за време на кратката НБА-кариера во Атланта, Чикаго и во Феникс.
Ширли додава дека дел од одговорноста за несреќата лежи токму кај жртвите на таа несреќа. Иако знае дека според овие ставови му припаѓа на малцинство, бидејќи мегаѕвездите не ги жалат пари да им помогнат на настраданите.
- Им порачувам на сите што почнуваат да прават најразлични акции за помош, да размислат како беше на Хаити пред катастрофалниот земјотрес. Нека размислат зошто има толку големи последици од него. Ако се работело сe` како што треба, тогаш немаше сите згради да бидат срамнети со земја и немаше да има толку многу жртви - ладно прокоментира Ширли.