Амди Бајрам: СДСМ и противниците ми кројат стапица
21:00 | 09.03.2010 | Автор: Влатко Стојановски
Неждет Мустафа и Шабан Салиу имале средба со членови на СДСМ во близина на Ниш пред петнаесетина дена, открива Амди Бајрам во интервју за неделникот „Сега“
Нема ниту еден Ром азилант од Македонија во европските земји бидејќи тие многу добро знаат колку е тешко и макотрпно азилантството, вели пратеникот во парламентот од редовите на Сојузот на Ромите, Амди Бајрам, во интервју за неделникот „Сега“.
Во однос на постојаните вербални препупукувања со своите поранешни соработници, а денес лути ривали Неждет Мустафа и Шабан Салиу, Бајрам открива дека тие се негови продукти, односно своевремено ги промовирал и ги финансирал.
- Според моите сознанија, Мустафа и Салиу имале средба со членови на СДСМ во близина на Ниш пред петнаесетина дена - рече Бајрам.
Негирајќи дека фирмата на неговиот брат „Скај Вим АМ“ превезувала Роми азиланти, Амди Бајрам смета дека Ромите живеат убаво во Македонија, така што немаат потреба среќата да си ја бараат во странство.
- Околу 80 проценти од Ромите живеат добро, односно за една јадачка и пијачка не берат гајле. Секој Ром има свој дом, па некои Роми имаат и куќи од два-три ката - објаснува Бајрам посочувајќи дека Ромите се снаодливи луѓе. Продаваат текстил и прехранбени продукти по пазарите, други пак, како што истакнува Бајрам, одат да чистат згради и куќи, трети примаат пензија од своите родители итн.
Интервјуто во целост можете да го прочитате во новиот број на магазинот „Сега“.
Ги наседнав новинарите сакајќи да го привлечам медиумското внимание, свесно почнав да ги навредувам новинарите, рече Амди Бајрам во однос на неговиот неодамнешен напад врз новинарите во Собранието.
- Дваесет новинари од сите ќе земеа изјави, освен од мене. Ќе ме поминеа како да не постојам. Па, и ние Ромите сме луѓе - изјави Бајрам додавајќи дека тој, слично како и со гафовите, ја постигнал целта да привлече внимание, а новинарите наседнале.