Бизнис секторот со сугестии за казнената политика
15:00 | 12.03.2010 | Автор: МИА
Бизнисмените најмногу се жалат на казнената политика при финансиските контроли во фирмите и надзорите од трудовата и пазарната инспекција и од Царинската управа. Сметаат дека определни казни се превисоки и бараат санкциона политика во три чекори, преку едукација, опомена и санкција.
Таквите сугестии за унапредување на казнената политика претставници на повеќе бизнис асоцијации ги изнесоа денеска на дебата со вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски и со инспекциските служби.
Според најавите од Пешевски, најдоцна за две недели Владата врз основа на укажувањата од бизнис секторот ќе излезе со првични предлози за унапредување на казнената политика со цел да ја подобри бизнис климата.
- Првиот коментар на бизнис заедницата е дека определени казни се превисоки. Има сугестии дека во законите понекогаш има преголеми барања и недоречености кои предизвикуваат проблеми во функционирањето на фирмите. Понекогаш постои впечаток дека државата толерира нелојална конкуренција, што секако не е интенција и сакаме да направиме мерки кои ќе го отстранат тоа, изјави вицепремиерот Пешевски.
Бизнис асоцијациите се пожалиле и на селективност и тенденциозност при инспекцискиот надзор, на нивото на едукација на инспекциските служби и на нивниот однос кон работодавачите, и на честатата промена на законите.
Вицепремиерот Пешевски најави поинтензивен дијалог со бизнис заедницата за барањето за санкциона политика во три чекори, особено во првиот - едукацијата. - Вториот чекор што се бара - опомената, не е предвидена како инструмент во Законот за прекршоци, но во определни закони недостасува и ќе биде вградена. Ќе направиме определени корекции и во делот на санкционата политика, најави Пешевски.
Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи истакна дека за бизнисмените се проблем висините на казните, но и непостоењето нивно степенување. - За банални прекршоци се добиваат огромни казни. Сакаме да учествуваме во подготвока на законите, да заживее единствениот регистар на прописи каде навреме ќе бидеме запознаени со прописите кои се во подготовка. Сакаме навреме да ги добиваме и подзаконските акти бидејќи во спротивно неможеме и да ги применуваме законите, рече Димитров.
Асоцијацајата на земјоделците, пак, бара корекции во три групи закони. Селектирала дека во областа на земјоделието се применуваат закони со мали казнени одредби, како што се законите за ѓубрива, за употреба на семенски материја и за хемиски препарати, застарени закони со застарени казнени мерки, што не го следат развојот на земјоделството, како и закони со многу големи казнените одредби во кои не се врши селекција. - Не е исто правно лице со имот од сто хектари или со неколку илјади грла добиток да биде казнето со 5.000 евра, а толкава да биде и казната за правно лице со мала големина и двајца или тројца вработени. Меѓутоа, има расположение кај Владата за дијалог и мислам дека овие проблеми ќе бидат надминати, рече Ефтим Шаклев, претседател на Асоцијацијата на земјоделци.
Унапредувањето на казнената политика, укажа вицепремиерот за економски прашања, се испреплетува со проектите за проценка на влијанието на регулативата при носење на законите и регулаторната гилотиња. - Не е доволно само да се изменат висините на казните туку во голем дел закони треба да се корегираат и причините за кои се изрекуават казните што спаѓа во доменот на регулаторната гилотиња, рече Пешевски.