ИПАРД - комплицирана процедура, обемна документација
15:00 | 18.03.2010 | Автор: МИА
Како земјоделските производители да стигнат до ИПАРД средствата и можна ли е либерализација на условите за нивно користење, беше главна тема на денешната дебата на Националниот совет за евроинтеграции.
Претставниците на земјоделските здруженија и асоцијации се пожалија дека процедурата за аплицирање за користење на европската претпристапна помош е сложена, а голем е, како што рекоа, и бројот документи што треба да се приложат. Тие побараа да бидат ослободени од плаќање за пополнување на барањата.
Според Ѓоко Данаилов, претседател на Федерацијата на фармери, по завршувањето на првиот конкурс за ИПАРД оценката е дека земјоделците не се подготвени да исполнат дел од критериумите за искористување на средствата, но одредени слабости лоцираат и во дел од институциите надлежни за оваа област. Еден од главните проблеми, смета Федерацијата, е тоа што земјоделецот треба стопроцентно да го финансира предложениот проект, односно дури по целосното реализирање на инвестицијата му се враќаат 50 отсто од потрошените пари. - Сметаме дека е потребно да се направи консултација со комерцијалните банки кои ги даваат кредитите за да има одредено релаксирање за земјоделците. Така ќе може да добијат евтини кредити, да аплицираат и да направат квалитетни проекти кои ќе бидат реализирани, рече Данаилов. Ефтим Шаклев од Асоцијацијата на земјоделците истакна дека разочарување за земјоделците било што можноста за користење на овие средства наменети за унапредување на аграрот и поголема конкурентност на земјоделското производство, не го опфаќа полјоделството кое е доминантно во Македонија. Тој забележа и на големиот број документи што треба да се приложат кон апликацијата, на неефикасноста на катастарот при издавањето имотни листови и оптоварувањето со изработка на елаборати за отворање такленици и фарми. - Нова појава е и доцнењето на исплатата на средствата од 50 проценти за рурален развој. Земјоделците кои купија трактори се уште чекаат на исплата на средствата поради што кај нив се јавува доза на страв, рече Шаклев. Како што информира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски, Владата веќе ги задолжила Платежната агенција и Министерството да извршат консултации со деловните банки во смисла на потпишување посебен меморандум согласно кој тие ќе ги прифаќаат бизнис-плановите доставени од апликантите до Платежната агенција.
- Тоа е олеснување на процесот за добивање кредити од деловните банки. Воедно ќе се разговара и за намалување на каматите за средствата што ќе се земаат од банките, а ќе се користат за финансирање на трошоците во реализација на проектите, рече Димовски.
Тој посочи и дека Министерството за земјоделство е обврзано во разумен рок да ја обезбеди потребната документација и да ја достави до апликантот. Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството, пак, е задолжена да воспостави непосредна соработка со Агенцијата за катастар со што на сите апликанти ќе им овозможи во електронска форма да ги добијат имотните листови.
Заклучно со вчера попладне кога заврши рокот на првиот оглас за ИПАРД средствата, доставени се 120 апликации. Министерот Димовски најави дека пред вториот конкурс ќе се интензивираат активностите со цел секој земјоделец да биде информиран околу условите за поднесување барања.