Не може фондот да ни кажува до кога да живееме
21:00 | 10.03.2010 | Автор: Шпиц
Јас не барам пари за мене, но со намалување на буџетот ќе страдаат само пациентите, тврди кардиохирургот Жан Митрев
Пред влезот на кардиохирургијата „Филип Втори“ ми се слоши и паднав во клиничка смрт. Но благодарение на брзата реакција на доктор Жан Митрев за еден час веќе бев освестен и сега сум во добра состојба, вели скопјанецот Трајан Дотлевски, кој знаејќи во каква состојба е Клиничкиот центар во Скопје, решил да се лекува во специјалната клиника за кардиохирургија „Филип Втори“.
Пациентите кои овие два дена, пак, беа оперирани во кардиохирургијата „Филип Втори“ се револтирани од односот на Фондот за здравство, затоа што како што велат, не може тој да им одредува до кога ќе живеат.
Според Дотлевски, на Клиника 10 лекари висат над глава, а никој ништо не прави, а во „Филип Втори“ сите се грижат за пациентите.
Пациентите кои биле ставени на програмата за операција на срце во понеделник биле одложени за во вторник.
- Кој не верува од Фондот за здравство, да повели да дојде и да види какви услови се обезбедени овде и дека за тоа вреди да се плати. Овде се работи за животот на пациентите, а тие не сакаат да платат за тоа - објаснува скопјанецот Ванчо Петров.
Битолчанецот Илија Дамчевски, пак, објаснува дека има три бајпаса, а животот му висел на конец, но откако е опериран, состојбата му е многу подобрена.
- Болниците во Прилеп и во Битола се во катастрофални услови, ова е единствена институција, која се грижи за здравјето на своите пациенти - вели Дамчевски.
Кардиохирургот Жан Митрев, директор на специјалната болница за хируршки болести, објаснува дека овде не се зборува за пари кои ги зема за него лично, туку за пари кои се неопходни за операциите и за опремата.
- Јас не барам пари за мене, но со намалување на буџетот ќе страдаат само пациентите. Ако лани сме оперирале 1.450 пациенти преку фондот, оваа година нивниот број ќе се намали на 800 и ќе останат пациенти кои нема да бидат оперирани, со што неминовно ќе се создаде листа на чекање - тврди Митрев.
Од Фондот за здравство велат дека во „Филип Втори“ не биле задоволни од парите кои им се дадени за 2010 година, што се околу 446 милион денари и затоа настанале сите овие проблеми.
Откако во понеделникот кардиохирургијата „Филип Втори“ го намали бројот на операции, вчера се оперирани седум пациенти, а за утре се планираат шест.