Пауновски со нови докази бара повторно судење
21:15 | 11.03.2010 | Автор: Петре Ристовски
Побарав повторување на судската постапка против мене, засновано на нов доказ кој никогаш досега не беше земен предвид, а за кој до неодамна не знаев дека постои. Со овие зборови вчера ексминистерот за одбрана Љубен Пауновски ја почна прес-конференцијата на која претстави документи со кои тврди дека судот неправедно го осудил на пет и пол години затвор и обврска да врати пари кои друг ги присвоил.
- Најновиот флагрантен доказ со кој барам судиите да решаваат според одредбите на кривичниот законик, а не според наредбите заканите и стравот е акцептниот налог со кој Зоран Симоновски, сопственик на „ХС компани” незаконски присвоил значителна сума на пари уплатени од МО за кои судот ме осуди и ме тера да ги враќам - рече Пауновски.
Тој покажа документи доставени од судот во кои се гледа дека овој доказ не бил разгледан на главниот претрес, судот не го повикал Зоран Симоновски (кој сега живее во Калифорнија, САД) да сведочи, иако во записникот стои дека тој дал изјава за судот. Пауновски потенцира дека со овие лаги на судот пресудата веќе не е валидна, и оти таа претставува правосуден преседан со кој ќе се занимаваат судот за човекови права во Стразбур.
- Судијата кој го водеше процесот против мене знаел добро кои докази треба да ги одбива, против Зоран Симоновски била поведена кривична постапка уште пред да пукне аферата против мене на 18.4.2001 година, но
кривичната постапка против него едноставно исчезнала - вели Пауновски. Тој се пожали дека судот неосновано го жигоса, го задолжи да врати 95.000.000 денари со што го доведува до робовски однос, без можност за основна егзистенција.
- Моето семејство за неколку месеци ќе остане на улица, ќе се уништат животите на невини луѓе, а згора на се треба да враќам пари кои според вештачењето е откриено дека легнале на сметката на Зоран Симоновски и фирмите на семејството Камчеви - вели Пауновски.
Поранешниот министер за одбрана на 10 јули минатата година испрати барање до судот за обновување на процесот против него, но за две недели судот експресно го одби неговото барање. Пауновски во судскиот процес кој низ судските лавиринти се провлекува речиси 9 години е осуден на пет и пол години затвор, односно се товари дека дозволил фирма зад која стоеле неговиот дедо и баџанак да набави храна за потребите на АРМ и изградба на станови во кругот на касарната „Илинден” во Скопје.