Сточарите од „Сведмилк“ на протест пред владата
21:00 | 05.03.2010 | Автор: Влатко Стојановски
Стотина кооперанти на „Сведмилк“ од пелагонискиот регион, вчера излегоа да протестираат пред владата, барајќи да се обесштетат, односно да им се вратат долговите или да се рестартира млекарницата.
- Ние му верувавме на премиерот Никола Груевски дека ќе ни излезе во пресрет и ќе ги реши нашите проблеми, но еве млечната криза заврши и уште ништо. Уништени сме - изјави Душко Илиевски, претседател на здружението Пелагонија - опстанок.
Поддршка на млекарите им даде Никола Ќуркчиев, пратеник од СДСМ и претседател на Комисијата за земјоделство. Според него, млекарите си имаат голема мака и оваа криза, како што смета тој, ќе се рефлектира во наредните три години.
- Најжално е тоа што млекарите ги нема во стратегијата на владата - подвлече Ќуркчиев.
Меѓу групата фармери се појави и лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, кој рече дека не дошол тука за да собира политички поени, туку за да се најде начин да им се помогне на фармерите.
Инаку, во тек е судскиот процес за стечајот на шведската млекарница „Сведмилк“, која на кооперантите им должи четири милиони евра.