Шпиц

НАСА се подготвува за на Месечината

21:00 | 10.03.2010 | Автор: Шпиц

Американската вселенска агенција се надева дека ќе прати астронаути на Месечината отприлика во 2020 година

Во еден од претходните броеви на рубриката „Клик“ пишувавме за идејата на руската вселенска агенција „Роскосмос“ и на американското планетарното здружение наскоро да испратат живот од Земјата на една од Марсовите месечини наречена, Фобос. Првите меѓупланетарни патници ќе бидат бактерии, спори, семиња, ракови, инсекти и габи, а целта на мисијата е да се дојде до сознанија како биолошкиот живот во различни форми ќе се справи со вселенското патување во период од три години. Од друга страна, НАСА се уште е сконцентрирана на Месечината и на испраќањето човечки мисии.
За време на конференцијата на Институтот за аерономија и астрономија, која се одржа овој месец во Лонг Бич Калифорнија, инженерите на НАСА им дозволија на посетителите кратко да ѕирнат во работата на Американската вселенска агенција. Медиумите од САД пренесуваат дека целта на НАСА е да овозможи астронаутите подолго време да останат на површината на Месечината. Така, планот е наместо да ги вселат астронаутите во мали модули за привикнување, тие ќе живеат во едно од трите големи живеалишта кои ќе ги конструираат Американците. Поголемите зони за живеење имаат поголема логистичка смисла, бидејќи хардверот и модулите нема да мора да се праќаат со секоја наредна мисија.
Интересни се новините кои ќе се користат и во врска со енергијата. Иако нуклеарната беше една од популарните методи за снабдување енергија за живеалиштата, сепак, Даг Кук, еден од претставниците на НАСА кој ја води групата за истражување на Месечината, тврди дека треба да се користи методот на соларна енергија.
Исто така, беа презентирани неколку возила кои ќе им овозможат на астронаутите да патуваат и до 600 милји. Кабината ќе биде под притисок и ќе им овозможи на астронаутите да патуваат големи релации носејќи покомфорна облека наместо вселенски костум, кој многу им пречеше и ги ограничуваше во работата. Инженерите очекуваат возилата да бидат големи колку некомпресираните возила кои се употребуваа за време на мисијата Аполо.
Американската вселенска агенција се надева дека ќе прати астронаути на Месечината отприлика во 2020 година, меѓутоа неколку пречки мора да бидат надминати пред да може да се случи тоа. Најголемиот предизвик е фактот што Американската вселенска агенција мора да создаде и да развие нова генерација спејс-шатлови пред посериозно да планира мисии за населување на Земјиниот сателит.
Русија, Јапонија и Индија, исто така, имаат вселенски програми кои имаат големи надежи за истражување на Месечината во следните 25 години. Заедно со индивидуалните планови што ги има секоја програма, 14 интернационални вселенски агенции се сложија да работат заедно.
Приватниот сектор, исто така, покажа голем интерес за хотели и за бази на Месечината, меѓутоа ништо конкретно не беше најавено во последно време.
© spic.com.mk | Сите права се задржани.