Бавното судство го продолжува векот на „Кале“
21:00 | 09.03.2010 | Автор: Шпиц
Се додека сопственикот на ресторанот не добие нова локација и обесштетување, објектот нема да се руши, а археолошките ископувања под неговата тераса ќе се одложуваат
Ресторанот „Кале“ ги кочи археолошките истражувања на скопската тврдина Кале, кои треба да почнат деновиве. Постапката за експропријација на имотот, која стартуваше пред околу три години, се уште е во тек, а кога ќе заврши не знаеја да ни одговорат ни од Управата за заштита на културното наследство, а ни сопствениците на ресторанот. Каде е заглавен процесот не ни одговорија ни од Министерството за финансии.
Сопственикот на ресторанот „Кале“ изјави дека е во преговори со Јавното правобранителство околу добивање нова локација и обесштетување.
- Бидејќи се работи за истражување што е од национален интерес за Македонија ние сме согласни на експропријација. Ама бараме пред тоа да биде решено прашањето со нашето ново земјиште. Важно ни е да продолжиме со угостителската дејност, ние имаме вработени кои не сакаме да останат без работа - рече сопственикот на ресторанот „Кале“.
На местото каде што е угостителскиот објект, при истражувањата пред три години беше откриена средновековна влезна порта на Калето, која тогаш била главна порта на тврдината која според своите вредности, позиција и архитектура, археолозите ја оценија како многу значајна. Тие тогаш нагласија дека таа може да биде вистинска туристичка атракција и за да се влегува низ неа како што било некогаш, потребно е да се отстрани ресторанот.
- Терасата на ресторанот е всушност вештачки насип од 10 метри, пополнето е со шут од земјотресот од 1963 година и откако ќе се среди правната процедура останува само техничка работа. Останаа уште археолошките искажувања кај влезната порта кон стариот средновековен град и околу централниот дел кај монтажната бина и кога ќе ги завршиме ќе може да се спојат сите делови и да се добие една целина. Потоа ќе се изработи елаборат за конзервација и ќе одлучиме што ќе се реставрира и што ќе биде подготвено за јавна презентација - рече Драги Митревски, раководител на истражувањата на скопското Кале.
Годинава 70.000.000 денари се предвидени за археолошките истражувања на скопското Кале каде што покрај истражувањата ќе се врши и конзервација на бедемот.