Меѓународниот струмички карневал прогласен за најдобар во Европа
18:15 | 24.02.2010 | Автор: МИА
Струмица, 24 февруари – Светската асоцијација на карневалски градови (ФЕЕЦ) му додели високо признание на Меѓународниот струмички карневал и го прогласи за најдобро организирана манифестација од ваков карактер во Европа.
Претседателот на ФЕЕЦ Фердинанд ван дер Крон на градоначалникот на Струмица Зоран Заев му додели медал и пехар во знак на признание за извонредната организација на карневалот, кој годинава обилуваше со прекрасни и мошне квалитетни поединечни и групни маски.
- Навистина сум горд на ова признание кое за нас значи и дополнителна одговорност и обврска за уште поголеми успеси на тој план. Заедно со Организациониот одбор веќе размислуваме за воведување на нови форми и содржини, се со цел уште повеќе да го подобриме квалитетот на карневалот кој стекна светско реноме и углед, изјави Заев.
Во свечената карневалска поворка годинава учествуваа над 2.500 маскирани лица од Македонија, од Финска, Црна Гора, Србија, Бугарија, Турција и од Албанија, а во текот на петте карневалски денови во Струмица беа регистрирани над 60 илјади домашни и странски гости и посетители.