Чешка пивара произведува пиво за кучиња со вкус на месо
13:00 | 21.02.2010 | Автор: МИА
Прага, 21 февруари - Меѓу повеќето специјални пива кои се карактеристични за пиварите во Чешка од неодамна се појави и пиво за кучиња.
Пивото „Бар-кинг“ освен класичните состојки: слад и вода, содржи супа од јагнешко месо и сок од зеленчук и во него нема алкохол, јаглерод диоксид, ниту хмељ кои можат да им наштетат на кучињата, јави дописникот на МИА од Прага.
- Со производството почнавме во јануари и досега сме продале стотици литри, информира еден од сопствениците на пиварата која го произведува пивото за „најдобриот човеков пријател“.
Пивото кое чини 55 круни (2,11 евра) за шише од 0,33 литри може да се најде во специјалните продавници за домашни миленици, а според изјавата на производителот, сопствениците најчесто им го купуваат на своите кучиња за роденден или како награда.