Св Валентин ќе ги чини вљубените во САД 14 милијарди долари
15:15 | 14.02.2010 | Автор: МИА
Њујорк, 14 февруари - Празникот Св. Валентин, измерен според потрошувачката треска на вљубените, ќе ги чини Американците оваа година 14,1 милијарда долари, прогнозира истражувачката организација „БИГрисрч“.
Истражувањето извршено меѓу 9.500 лица покажало дека просечниот американец е подготвен да потроши на подароци и други знаци на внимание за љубените 103 долари, наспроти 102,5 долари лани и 123 долари пред рецесијата.
Мажите изгледаат подарежливи од дамите и планираат да потрошат 135,35 долари, а според жените за овој празник се доволни да се одвојат 72 долари. Најштедливи се брачните двојки, кои планираат празничен буџет за Денот на вљубените од 63,34 долари.
Се очекува денеска да бидат подарени повеќе од 100 милиони рози, а во Њујорк еден букет од рози се продава за 25 долари.
Дваесет и пет проценти од испитаниците оваа година не планираат да купат нешто за овој ден.
Продавниците за накит, рестораните, хотелите и цвеќарите, како и печатарниците, кои ги произведуваат љубовните картички, денеска и во претходните денови очекуваат поголем профит.