Шпиц

МВР - Документи за граѓаните и во сабота

11:45 | 02.03.2010 | Автор: МИА

Министерството за внатрешни работи апелира граѓаните навремено да ги подигнуваат документите за кои ќе добијат известување дека се изготвени. Заради големиот број документи кои се изготвени, а не се подигнати (околу 34.000 лични карти и 9.000 патни исправи), Управните служби при СВР Скопје, сместени во зградата на МТВ ќе работат и во сабота (06.03.2010 година), во две смени, од 08.30 часот до 20.00 часот. Сите граѓани кои добиле смс порака дека документите им се изготвени ќе може да ги подигнат во овој период.
Со новите адаптирани простории во зградата на МТВ, соопшти денеска МВР, се прошируваат капацитетите на Управните служби за издавање на лични документи, а ќе бидат наменети исклучиво за издавање на веќе изготвените лични карти и патни исправи. Граѓаните ќе може да дојдат и да ги подигнуваат документите од влезот во зградата кој гледа кон Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Издавањето на изготвените возачки дозволи останува во сегашните шалтерски простории за кои се покажа дека ги задоволуваат тековните потреби.
Во новите простории за издавање на изготвените лични документи се поставени девет шалтери од кои четири за лични карти, по два за патни исправи во редовна и итна постапка за подрачјето на Скопје и уште еден за итни патни исправи за кои аплицирале граѓаните од останатите градови во земјава.
Според МВР, со издвојувањето на издавањето на документите, како и со веќе одделеното аплицирање за лични карти во просториите зад поранешно „Беко“, односно аплицирањето за возачки дозволи и патни исправи во зградата во МТВ, се очекува натамошно намалување на метежите.
© spic.com.mk | Сите права се задржани.