Пајакот крева без ред
21:00 | 05.03.2010 | Автор: Шпиц
Во Законот за безбедност од 2007 година никаде не пишува како е регулирано паркирањето околу кружниот тек во градот
Сцени како од акциски филм се случија во четвртокот попладне околу единствениот кружен тек во градот. Четири возила од пајак-службата во два наврата собраа осум возила, кои беа паркирани околу кружниот тек. Некои беа паркирани неправилно во двоен ред, додека други беа паркирани до самата ограда околу зеленилото, односно во прв ред. Меѓу возилата што стоеја околу оградата, пајакот крена неколку поскапи возила, а малкумина среќници куртулија од неговите метални раце.
- Во понеделникот ми беше кренато возилото што беше паркирано околу кругот во двоен ред. Кога се побунив кај надлежниот полицаец, тој ми објасни дека овде е дозволено да се паркира само во еден ред. Но, сепак, вчера тие собираа возила кои беа паркирани во првиот ред - вели станар од околните згради, очевидец на настанот.
И покрај тврдењето на полицаецот дека е дозволено паркирање околу тревникот, во Законот за безбедност од 2007 година, во одредбата „Запирање и паркирање“ никаде не пишува како е регулирано паркирањето околу единствениот кружен тек во градот.
Поради големиот број кафулиња во овој дел од градот, особено кога е убаво времето, и во деновите за викенд, има голем метеж од возила. Станарите од околните згради се жалат дека немаат каде да ги паркираат нивните возила, иако би требало да имаат предност.
- Кај нас се уште не е стасано зонското паркирање. Се надеваме дека со тоа ќе се реши проблемот со недостигот од паркинг-места за станарите - велат жителите на околните згради.
За кревање возило кое е неправилно паркирано се плаќа 2.000 денари, плус мандатна казна од 25 евра, која може да се замени со 15 негативни поени во возна книшка. А за паркирање во тревник се плаќа 3.500 денари.