Шпиц

Грчки солзи на Шар Планина

21:00 | 07.03.2010 | Автор: Сашко Димовски

Победник на 37-от Шарпланински скијачки куп е Франц Промок од Австрија, а првиот ден вниманието го привлече тешкиот пад на Гркот Барас Евангелос, кој сепак мина без потешки повреди

Севкупен победник на најстарото балканско скијачко натпреварување, 37-от Шарпланински куп е Австриецот Франц Промок. Тој победи на слаломската трка, а беше втор на велеслаломот, а како награда од организаторот доби мал шарпланинец. Второто место му припадна на Бугаринот Стефан Георгиев, а трет беше победникот во велеслалом, Словенецот Мартин Чатер.
Вниманието на првиот ден, на велеслаломската трка на патеката Езерино, го привлече тешкиот пад на грчкиот репрезентативец Барас Евангелос. Тој се истумба на снегот, по што мораше да реагира службата за Брза помош. Најпрво се мислеше дека станува збор за посериозна повреда, бидејќи Евангелос со лелеци и со солзи во очите, со имобилизирана нога и на носилки беше изнесен од патеката. По прегледите се утврди дека не се работи за сериозна повреда, туку за истегнување на лигаментите на коленото, кое бара само мирување, поради што не настапи на слаломот.
- Се се случи пред моите очи. Гркот почна да плаче и да лелека и сите помисливме дека се работи за посериозна повреда. Повикавме доктори и на носилки го однесоа од патеката. Се распрашав подоцна и ми рекоа дека Евангелос минал лесно, без скршеница - изјави Владо Димовски, судија на натпреварувањето.
На велеслаломската трка победи словенечкиот скијач Мартин Чатер. Тој беше најдобар и по првото возење, а зад него се најдоа Франц Промо од Австрија и Стефан Георгиев од Бугарија. Најдобропласиран македонски натпреварувач беше Антонио Ристевски на 8-то место со 2,78 секунди заостанување зад победникот, а Дардан Дехари беше на 13-та позиција.
- Резултатите ми се доста добри. Во саботата постигнав најдобро време во кариерата во велеслалом, а презадоволен сум од слаломската трка. Скијав послабо во првото возење, кога направив неколку грешки. Во вториот слалом бев подобар и успеав да постигнам одличен резултат. Задоволен сум од својот настап - изјави македонскиот олимпиец Антонио Ристевски, кој на слаломот го зазеде одличното шесто место.
Легендата на алпското скијање од поранешна СФРЈ, Словенецот Бојан Крижај, годинава ја имаше функцијата директор на трката и беше задоволен од организацијата на трката.
- Имавме проблеми со времето и снегот. Топлото време ја омекна патеката и сите скијачи немаа подеднакви услови за скијање. Сепак, мислам дека одржавме коректен куп - изјави Крижај.
© spic.com.mk | Сите права се задржани.