Шпиц

Санирајте ги последиците од фрактура

21:00 | 07.03.2010 | Автор: Шпиц

Фрактура на раката или ногата е болно и трауматично искуство, посебно за постарите личности, но со добра терапија може да се преживее без тешки последици.
Секоја фрактура е различна, па затоа тешко се одредува колку време е потребно за зараснување и за целосно санирање на повредите.
По вадењето на гипсот, следува долготрајното закрепнување, а во тој период потребно е да бидете дисциплинирани. На местото на скршеницата по вадењето на гипсот се појавуваат отоци како последица на нарушување во циркулацијата. Поради тоа, неопходно е да ја стимулирате циркулацијата со процес наречен криотерапија, односно триење на повреденото место со лед, а потоа негово затоплување.
Оваа терапија дава најдобри резултати ако се изведе непосредно по вадењето на гипсот, а може да ја практикувате во секакви домашни услови. Треба да се трие местото со лед пет до седум минути, да се избрише, а потоа местото да го завиткате во дебело и топло ќебе каде што ќе се грее 45 до 60 минути. Во пластична чаша од јогурт или кисело млеко можете да наполните вода, да ставите дрвено стапче и да ја оставите во замрзнувач. На тој начин, ледот нема да го допирате со голи раце, туку ќе го држите за стапчето.
Криотерапијата се применува најмалку десет дена кај пациентите кои немаат отоци по отстранувањето на гипсот. Со неа се ублажуваат болките и се нормализира циркулацијата, што овозможува брзо активирање на зглобовите. По отстранувањето на гипсот не се препорачува изложување на топла вода или вода со раствор од морска сол.
Пливањето е корисно. По отстранување на гипсот, пациентите треба да вежбаат колку што препорачува лекарот, но не е добро да се префорсирате ниту да вежбате премалку.
© spic.com.mk | Сите права се задржани.