Шпиц

Жената се бори со вистини и лаги

21:00 | 10.03.2010 | Автор: Шпиц

Доколку имате сексуален однос за време на менструалниот циклус, можете да забремените

Женското тело е многу посложено и помистично за проучување за разлика од машкото. Причината за тоа лежи во хормоните и во различниот начин на функционирање на организмот. Во изминативе години, преку многубројните истражувања на женското тело, откриени се и најчестите заблуди во врска со тоа.
Мит број еден е дека жената не може да забремени во текот на менструалниот циклус. Во внатрешноста на женското тело сперматозоидите (а доволен е само еден) можат да преживеат и до една недела. Овулацијата може да се случи веднаш по завршувањето на циклусот, што значи дека сперматозоидот може да ја оплоди јајцеклетката на жената. Освен тоа, некои жени имаат и по две овулации во текот на месецот. Доколку имате сексуален однос за време на менструалниот циклус, можете да забремените.
Мит број два е дека антибиотиците ја намалуваат делотворноста на контрацептивните таблети. Шансата да забремените ако консумирате контрацептивни таблети е еден отсто. Мислењата дека кој било антибиотик може да го намали дејството на овие таблети се неточни. Во праксата е утврдено дека единствено консумирањето на антибиотикот „рифампин“ (кој се користи во лекувањето на туберкулозата) може да го намали дејствувањето на антибеби-таблетите. Ниеден друг антибиотик го нема тоа својство.
Мит број три е дека и на жените и на мажите им треба еднаква количина на сон за подобар љубовен живот: Студијата спроведена над 6.000 испитаници на Универзитетот Варвик покажала дека жените кои спијат пет или помалку часа ноќе, најчесто заболуваат од зголемен висок притисок. Тоа дополнително им влијае на либидото, односно на сексуалниот живот, додека мажите кои го имаат истото темпо на спиење не страдаат од оваа појава.
Мит број четири е дека лекарот може со преглед да утврди дали жената е невина или не. Резултатите од повеќе студии покажале дека ниеден лекар не може со 100 отсто сигурност да разликува сексуално активна жена од невина. И хименот кој лежи на отворот на вагината има во себе дупка и со обичен преглед тоа тешко може да се одреди. Сепак, во многу ретки случаи хименот нема дупка, а тогаш менструалната крв се таложи во матката и може да доведе до низа здравствени проблеми.
© spic.com.mk | Сите права се задржани.