Шпиц

Натали Грубовиќ со нога да ги отвора буквите

21:00 | 14.03.2010 | Автор: Валентина Ѓоргиевска

Убавата водителка е „главен лик“ на новата шеговита фејсбук-група

Речиси две години, колку што социјалната интернет-мрежа „Фејсбук“ е модерна во Македонија, на неа може да се најдат многу групи за поддршка, но и за шегување со познатите личности. Оние ФБ-групи кои се крајно навредливи, вулгарни и некултурни опстојуваат кратко време, за разлика од нив пак страниците кои бликаат со духовитост имаат подолг живот. Од неодамна има група „Да ја натераме Натали со нога да ги отвора буквите во тркало на среќата“ со околу 600 приврзаници. На неа има и пристојна фотографија од убавата водителка, и засега нема непристојни коментари.
„Да ги натераме Тони и Део“ да дуваат во емисија е една од поновите фејсбук-групи кон која се приклучиле над 16.000 фејсбук-корисници. Се разбира, оваа страница креаторот ја направил со позитивна намера, за да се насмееме, а како таква ја сфатил и Тони и ја додал на својата официјална ФБ-страница на обожаватели. Слична е и групата „Да собереме 5.000 души и Тони и Део ќе дуваат во емисија“, која собрала над 5.000 луѓе.
Познатите сфаќаат дека фејсбук-страниците се користат за забава. Така на пример, на Фејсбук хипхоперот Слаткар ја изгуби војната со еклер, поточно со фотографија со еклер. Додека само по неколку илјади имаат регуларните групи со негови обожаватели, групата насловена „Дали овој еклер може да добие повеќе фанови од Слаткар?, Еклеристика будало! Раце горе за слатката револуција“ собрала над 35.000 потписници. Популарниот рапер минатото лето се налути на весниците зошто ја презедоа и ја објавија фејсбук-петицијата да се забрани неговиот концерт во охридскиот Антички театар. Тогаш тој беше опишан како негативен лик и затоа и се налути, но на групата со „еклерот“ веројатно изреагирал со насмевка.
Неколку стотини брои, пак, групата „Сите што мислат дека раперите се бољи од Софија Манева“. Македонските познати фаци се на удар во вицовите што се објавуваат на ФБ-страницата „Естрадата наша славна“, кон која пристапиле 13.000 членови. Таму може да се прочита за Ноне, за Мартина, за Елена, и за речиси сите други. Ноне е најширокоградна, не се лути и се смее со вицовите.
Колку попопуларен, толку повеќе на удар. Најсвеж пример за тоа е Ѓоко Танески. По победата на домашниот избор за Евровизија, пејачот е главна тема на Фејсбук. Освен оние познатите групи во стилот „Чак Норис се плаши да дојде во Македонија оти Ѓоко Танески ја има силата“, сега во оптек е и „Ѓоко Танески има сила да седи на последно место“.
Околу стотина членови се закачиле на групата „Колку заеднички пријатели имаш со Маја Вукичевиќ?“, создадена како резултат на активноста на пејачката на Фејсбук. Маја е позната по тоа што има неколку профили со по неколку илјади пријатели.
Смешна е и групата „Да и помогнеме на Софија Теодор да се исели од Македонија“, на што контроверзната режисерка духовито одговара: „Никој не треба да ја исели Софија. Софија сама ќе се исели од Македонија и тоа директно во Холивуд!“.
© spic.com.mk | Сите права се задржани.